Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата се очекува денеска да одржи седница на која треба да се изгласа составот на останатите парламентарни комисии, без кои Собранието не може да почне да ги разгледува законските предлози.
Претседателот на Комисијата, Костадин Костадинов, вчера потврди дека е постигнат договор за тоа кој ќе претседава комисиите, кој откако ќе добие комисиско одобрување треба да се гласа на пленарна седница.
Според партискиот договор, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе претседаваат со по осум собраниски комисии, ДУИ со три, вклучувајќи ја и Комисијата за уставни прашања, со која претседава претседателот на Собранието, Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе претседаваат со две комисии, а Беса со една.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, вчера изјави дека ќе раководат со истите осум комисии како и во минатиот состав и најави дека пратениците од опозициската партија ќе учествуваат на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и на пленарната седница на која треба да биде потврден составот на комисиите.
Иако договорот е потврден, засега се уште на веб-страницата не е закажана седницата на собраниската Комисијата за избори и именувања.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ќе одржи брифинг со новинарите, прв по неговиот повторен избор, по што се очекува да се знае кога ќе биде свикана седницата на која треба да се гласа составот на комисиите и како ќе се одвива натамошната работа на парламентот.
Собранието, иако е конституирано, не може да ја започне својата работа по законските текстови, бидејќи парламентарните партии не можеа да постигнат договор за претседавањето со парламентарните комисии. Исто така, пратеникот од ДУИ, Арбен Зибери, е во изолација поради ковид-19, а сѐ уште не е е верификуван мандатот на пратеникот кој ќе дојде на местото на Јагода Шахпаска, која беше избрана за министерка за труд и социјална политика.
