Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, денеска соопшти дека цената на топлинската енергија во Скопје ќе поскапи за 14%. Според него, ова поскапување е враќање на цената од пред три години.
„Цената на парното во градот Скопје ќе се зголеми за 14%. Со оваа наша одлука се враќаме на ниво на цена на топлинска енергија којашто сме ја имале во 2018 година имајќи во предвид дека за 15-16% од 2018 година до денес ја имаме намалено цената на топлинската енергија. Како што кажав, регулаторната комисија за енергетика до тука може. Не е фер трошокот за природниот гас да падне на грбот на граѓаните. Од тие причини и вчера упативме апел и до Владата и до Град Скопје и до општините во Град Скопје да помогнат“
изјави Марко Бислимовски.
Регулаторната комисија носеше нова цена за парното во Скопје за корисниците на БЕГ, по барање на компанијата. Информациите беа дека БЕГ барал парното греењето да поскапи за 300%. Причината е што БЕГ произведува топлинска енергија користејќи гас, чија цена драстично порасна на слободниот пазар но проблематична е и неговата достапност.
Во своите претходни јавни настапи, Бислимовски објасни во каква ситуација се наоѓа БЕГ но го сподели и ставот дека драстичното поскапување нема да биде решение.
„Набавната цена на природниот гас во делот каде купува БЕГ по цена на берзи е околу 1480 долари за метар кубен. Ова е набавка за јануари и е за речиси 6 пати повисоко од просекот во 2021 година кога изнесуваше 240 долари за метар кубен. Тоа што го мислев за електричната енергија, го мислам и за топлинската – дека драстично поскапување на парното не е решение зашто голем број потрошувачи ќе се исклучат од системот и ќе почнат да користат електрична енергија за греење. Во комуникација сме со владата и мислам дека ќе наидеме на разбирање, но го повикувам и одговорните во Град Скопје и општините во Градот активно да се вклучат и ако е потребно да обезбедат соодветни субвенции за потрошувачите Очекувам да излезат во пресрет“,
претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Поскапувањето на парното следува само еден ден откако Регулаторната комисија најави нова, повисока цена, за електричната енергија.