Оставката следеше по големите протести предизвикани од контроверзните буџетски планови на владата. Бугарската влада на крајот на ноември го повлече нацрт-буџетот, што веќе беше доставен до парламентот, по масовните протести на партиите и синдикатите ширум земјата и предупредувањето од Европската комисија дека нацрт-буџетот не е во согласност со буџетските правила на ЕУ

Парламентот на Бугарија со 227 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ денеска ја прифати оставката на владата нa Росен Желјазков.
Тој вчера на итна конференција во парламентот изјави дека владата поднесува оставка.
Оставката е дадена пред гласањето за недоверба на владата поднесена минатиот петок од опозициската коалиција Промените продолжуваат – Демократска Бугарија (ПП-ДБ), поддржано со потписите на пратениците од Алијанса за права и слободи (АПС) и Морал, единство, чест (МЕЧ).
„Коалицијата ја разгледа ситуацијата. Не се сомневаме дека владата ќе добие поддршка на претстојното гласање за недоверба. Без оглед на тоа, одлуките на Народното собрание се важни кога ја одразуваат волјата на народот. Нашата желба е да бидеме на нивото што го очекува општеството. Моќта доаѓа од суверенитетот и гласот на народот. И младите и старите го кренаа својот глас за оставка. Оваа граѓанска енергија мора да се поддржи и охрабри“,
истакна вчера Желјазков.
Оставката следеше по големите протести предизвикани од контроверзните буџетски планови на владата. Бугарската влада на крајот на ноември го повлече нацрт-буџетот, што веќе беше доставен до парламентот, по масовните протести на партиите и синдикатите ширум земјата и предупредувањето од Европската комисија дека нацрт-буџетот не е во согласност со буџетските правила на ЕУ.
Протестите ескалираа во општо незадоволство поради корупција, неправда и неуспех во многу сектори од работата на владата.
Желјазков беше избран за премиер на 16 јануари со 125 гласа „за“, 114 „против“ и без „воздржани“.
