Премиерот на Албанија, Еди Рама, во својот говор пред пратениците го опиша усвојувањето на законот како историски чекор кон поправедно и помодерно општество
За разлика од мнозинството, опозицијата гласаше против тврдејќи дека законот, во дел од своите точки, ризикува да ги наруши традиционалните вредности на албанското семејство
Со 77 гласа „за“ и 36 „против“ парламентот на Албанија вчера го усвои предлог-законот за родова еднаквост предложен од владата на Еди Рама. Усвојувањето на законското решение беше дел од обврските на Албанија во рамки на хармонизација на законодавството со стандардите на Европската Унија.

Законот гарантира еднакви права за жените и мажите во сите области и ги одразува основните принципи на демократија и одржлив општествен развој, согласно основните вредности на ЕУ. Целта на законското решение е заштита од дискриминација и јакнење на рамноправноста меѓу мажите и жените.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, во својот говор пред пратениците го опиша усвојувањето на законот како историски чекор кон поправедно и помодерно општество.
„Овој закон не е против семејството, туку против дискриминацијата. Тоа не е проект за идеологија, туку за правда и меѓусебно почитување“,
порача Рама.
За разлика од мнозинството, опозицијата гласаше против тврдејќи дека законот, во дел од своите точки, ризикува да ги наруши традиционалните вредности на албанското семејство. Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, ја нарече иницијативата обид за наметнување концепти што не се во согласност со моралот, културата и општествената структура на земјата и додаде дека законот ја оштетува суштината на албанското семејство.
