Во конкретниот случај, според претпријатието, евидентно било дека дрвото не е обележано со никаков знак како што е утврдено во Законот за урбано зеленило и сметаат дека надлежните од Општина Карпош го злоупотребуваат немилиот настан
Скопското Јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ ги демантира наводите на Општина Карпош дека дрвото од кое денеска паднала гранка и тешко повредила дете било обележано за сечење.

Од претпријатието изразуваат жалење за немилиот настан, но тврдат дека за конкретното дрво до нив не стигнало никакво барање, ниту, пак, има издадено решение за сечење.
„По барањата на странките за интервенција врз дрвјата редовно се постапува. Во досегашното работење на сите барања на Општина Карпош е одговорено. Во член 29 став 2 во Законот за урбано зеленило стои дека врз основа на поднесено барање, општината е должна во рок од седум дена да донесе решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: „С“ или кастрење: „К“)“,
се вели во соопштението од ЈП „Паркови и зеленило“.
Во конкретниот случај, според претпријатието, евидентно било дека дрвото не е обележано со никаков знак како што е утврдено во Законот за урбано зеленило и сметаат дека надлежните од општината го злоупотребуваат немилиот настан.
Од Општина Карпош денеска, информирајќи за настанот, соопштија дека дрвото подолго време било обележано за сечење и побараа одговорност од ЈП „Паркови и зеленило“ и од Градот Скопје, кои, како што велат од општината, во овој и во стотици други случаи останале глуви на нивните и на барањата на граѓаните.
Дополнително, од Општината побараа Министерството за внатрешни работи (МВР) да го документира овој настан, да утврди одговорност и одговорните да сносат правни последици.