Од МОН велат дека на трансакциската сметка на секој студент, кој ги исполнува условите за добивање субвенциониран студентски оброк, ќе бидат исплатени по 840 денари кои ќе бидат наменети за купување оброк и ќе можат да се искористат од понеделник до сабота

Од понеделник студентите средствата за субвенциониран студентски оброк наместо на дневна основа ќе ги добиваат на неделно ниво, информираа денеска од Министерството за образование и наука (МОН) и велат дека промената е предвидена со последните измени на Законот за субвенциониран студентски оброк.
Од МОН велат дека на трансакциската сметка на секој студент, кој ги исполнува условите за добивање на субвенциониран студентски оброк, ќе бидат исплатени по 840 денари кои ќе бидат наменети за купување оброк и ќе можат да се искористат од понеделник до сабота.
На овој начин, додаваат од МОН, се зголемува практичноста на законското решение кое досега предвидуваше исплата на 140 денари на дневна основа.
Бидејќи примената на новото законско решение важи од 1 март, од МОН велат дека секој студент што е корисник на правото овој петок ќе добие средства за двата преостанати дена од седмицата, односно 280 денари.
Во однос на условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, од Министерството велат дека нема промени. Оние што досега не го оствариле ова право, а им следува, од МОН велат дека може да се пријават од први до петти секој нареден месец преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk.
Со оглед на тоа што примената на новото законско решение стапува во сила од 1 март, од МОН информираат дека секој студент корисник на правото овој петок ќе добие средства за двата преостанати дена од седмицата, односно 280 денари.
Од Министерството додаваат дека промената е направена на барање на студентските организации и здруженија, а во насока на унапредување на решението за користење на оваа системска мерка.
