Кога се бара наменски кредит, не може да се користи за други цели, а сега можеме само да замолиме да се резервираат средствата и да аплицираме за нов заем, рече министерката за финансии на денешниот брифинг со новинарите
Парите кои земјава ги добила за изградба на пругата кон Бугарија, кој е проект во рамките на Коридорот 8 нема да може да се пренаменат, но можно е да се разговара со кредиторите (Европската инвестициска банка н.з) и да се зборува за нов заем, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа информира дека остварила средби со претставници на инвестициската банка и дека отворено ги изнела сите аргументи кога станува збор за економскиот бенефит кој земјава би го имала од изградбата на пругата, но и за поголемата важност на пругата кон Солун за домашните компании.
„Тоа е траса од Драч во Албанија до Бургас во Бугарија. Хипотетички ќе ја направиме, но што добиваме економски? Од Европската инвестициска банка ни кажуваат дека е тоа НАТО-аспект. Но јас ги прашав дали НАТО и Европската Унија ќе нè сакаат ако банкротираме“,
изјави министерката за финансии.
Претходно, во однос на изградбата на железничкиот Коридор 8 се огласи Министерстовто за надворешни работи и надворешна трговија од каде што соопштија дека Република Северна Македонија е свесна за геостратешкото значење на овој патен коридор и како земја реализира бројни активности за регионално поврзување и завршување на оската Запад–Исток.
Оттаму нагласија дека во фаза на реализација е изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце со инвестиција од 40 милиони евра и дека во фаза на реализација е и изградбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка – инвестиција вредна 155 милиони евра. Во фаза на тендерска постапка е последната делница од Крива Паланка до граничниот премин „Деве Баир“, но нагласуваат дека се работи за „пруга која завршува во претпоставен тунел“.
„Исто така, Република Северна Македонија ги презема и исполни сите обврски од Билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало, како и инфраструктурата до граничниот премин. Имајќи го предвид горенаведеното, уште еднаш нагласуваме дека Република Северна Македонија ги презема сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионално-инфраструктурни проекти кои се од споделено стратешко значење за земјава, регионот и Европската Унија. Во таа смисла истакнуваме дека со цел успешна реализација на ваквите проекти, особено значајно е да постои целосна подготвеност за соработка и од страна на Република Бугарија. Во оваа прилика, искрено очекуваме Република Бугарија да ги преземе сите неопходни активности во насока на унапредување на инфраструктурата на Коридор 8, како и да ги исполни обврските кои произлегуваат од Билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало“,
велат од МНРНТ.
Од министерството додаваат дека изградбата на патната и железничката инфраструктура во регионални рамки ќе биде успешно реализирана само ако сите земји вдолж Коридорот 8 континуирано преземаат заеднички активности за нивен развој и модернизација.
„Тоа е наша долготрајна заложба на која посветено работиме и очекуваме еднаков степен на соработка и конструктивност и од останатите инволвирани страни во овој процес“,
стои во соопштението.
Од министерството потенцираат дека Република Северна Македонија е силно посветена на остварување на поставените цели во рамките на НАТО и на создавање регионална инфраструктура, како дел од Европската мрежа на коридори, кои имаат за цел да го засилат економското влијание и да ја олеснат трговијата и транспортот во регионот.
„Земјаќи ја предвид геополитичката позиција на транспортните коридори 8 и 10, Република Северна Македонија ги презема сите неопходни активности за нивна доизградба и модернизација. Во делот на патната инфраструктура оваа година се завршува изградбата на експресниот пат од Куманово до Крива Паланка и преку завршената рехабилитација на патниот правец од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, што претставува вкупна инвестиција од 105 милиони евра, со што ќе се создаде ново модерно патно решение, кое значително ќе влијае врз размената на добра и услуги, како и на зголемување на економската соработка меѓу двете земји. Воедно, потсетуваме дека претходно целосно ја рехабилитиравме автопатската делница Скопје – Куманово и со овие инвестиции го намаливме времетратењето на патување на релација Скопје – Софија на помалку од 2 часа и 30 минути“,
велат од МНРНТ.
Претходно, официјална Софија изрази зголемена доза на вознемиреност и посочи оти ги следи изјавите на официјални македонски политичари насочени кон кршење на меѓународните обврски на инфраструктурно поврзување, односно најавите дека Скопје ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.
Во соопштението на владата на Бугарија се вели дека токму Коридорот 8 е клучна логистичка рута вдолж јужното крило на НАТО со кое се поврзуваат Црното и Јадранското Море и затоа неговата изградба е од големо значење во актуелниот геополитички момент, а затоа одбивањето да се изградат главните компоненти ја ослабнува колективната безбедност на НАТО-алијансата.
Оттаму велат и дека од бугарска страна модернизацијата и завршувањето на железничката компонента се дел од националната програма „Транспортно поврзување 2021–2027 година“.
Специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, изјави дека европскиот транспортен Коридор 8 е од стратегиско значење за регионот, но, според него, новата влада во Скопје неделава покажала оти изгубила интерес за негово спроведување.
Забелешката е дека наместо овој коридор, во Скопје се дало приоритет на Коридорот 10, кој ги поврзува Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Грција.
Ставот на бугарската влада и на Сарацин дојдоа по изјавите на министерот за транспорт Александар Николоски, кој ја обвини Бугарија дека нема проект за Коридорот 8. Како што рече тој, постои долгогодишна желба да се изгради пруга меѓу Скопје и Софија, но прашањето е како кога Бугарија не е сериозна за проектот. Поради тоа, тој побара парите да бидат пренаменети за Коридорот 10.
Инаку, транснационалната транспортна оска Исток–Запад (Коридор 8) се простира од пристаништето Бари во Италија до пристаништата Варна и Бургас во Бугарија. Централниот дел од паневропскиот коридор долг 315 километри поминува низ Северна Македонија, односно преку – Кичево, Скопје, Куманово, Бељаковце и Крива Паланка.
Вкупната должина на железничкиот коридор кој минува низ нашата држава изнесува 88,2 километри, а во тек е изградбата на делницата од Бељаковце до Крива Паланка која е во должина од 34 километри. Стартот на градежните активности на делницата од Куманово преку Бељаковце до Крива Паланка беше означен пред крајот на октомври 2022 г. на церемонијата во Куманово на која учествуваа тогашните премиери на Северна Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Галаб Донев.