Процесот е во финална фаза, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, и кажа дека средствата активно ќе се пренесуваат до компаниите кои ќе ги користат после новогодишните празници. На новинарско прашање, тој кажа и дека не може да процени – дали ќе се исцрпат 250-те милиони евра кои се на располагање
Според претходните најави од Владата, парите од унгарскиот кредит веќе требаше да легнуваат на сметките на фирмите – кредитобаратели
Дали се потпишаа договорите со банките за унгарските пари за стопанството и кога македонските фирми конечно ќе можат да аплицираат за овие пари? Ова беше едно од новинарските прашањата до премиерот Христијан Мицкоски, а во врска со 250-те милиони евра кои земјава ги позајми од Унгарија, со намена да ги пренасочи како евтини кредити за бизнисот.
Премиерот, кој беше во Гевгелија на поставување на камен-темелник на приватна инвестиција за изградба на трговски центар покрај автопатот „Пријателство“, одговори:
„Процесот е во финална фаза. Очекувам веќе после новогодишните празници банките да почнат, иако дел од банките и сега веќе ги промовираат, но веќе да почнат и активно да пренесуваат дел од средствата до компаните коишто ќе ги користат. За ваков тип на инвестиции исто може да се користат тие средства, нормално до границата којашто ја споменаме, до 10 милиони евра. Така што, можам да кажам дека веќе во месец јануари ќе можеме тоа да го постигнеме“,
изјави Христијан Мицкоски, премеир на РСМ.
Според претходните најави од Владата, фирмите веќе требаше да можат да земаат и да добиваат средства од најавениот кредит. На пример, на 25 ноември 2024 година „Радио Слободна Европа“ објави став на владата дека исплатата до фирмите ќе почне „од следната недела“.
Но и покрај оптимизмот на Владата, не одеше се така брзо со банките. Само два дена по споменатиот текст на РСЕ, премиерот Христијан Мицкоски ќе изјави дека речиси сите банки прифатиле да ги исплатат парите од унгарскиот кредит за компаниите. Индиректно, тоа значеше и дека некои банки се уште ги немале прифатено условите. Претходно, имаше долги преговори за каматната стапка и други детали.
„Инаку, што се однесува до капацитет, дали ќе се исцрпат – не знам. Има многу бизнис идеи. Тоа зависи од претприемачите, од економијата, не зависи од Владата. Владата е тука само хипотезите и претпоставките да ги стави на маса“,
изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Во контекст на капацитетот, Мицкоски беше прашан и дали ќе се дозволи и Електрани на Северна Македонија да можат да земаат кредити од тие пари?
„Поврзано со ЕСМ, како што Вие кажавте, начинот и земањето на кредитите имаат друга цел и друга намена. Но тоа ќе го оставиме да биде бизнис-политика и логика на работењето на оваа Влада. Да не многу ги оптеретуваме граѓаните со тоа. Затоа што наша цел е тоа (долгот на ЕСМ н.з.) да се консолидира и предвреме да биде отплатено. Да немаме големи транфери на средства за повисоки камати. Мислам дека веќе во 2026-та, според планот којшто го разработивме со раководството на ЕСМ, ќе можеме да зборуваме за компанија којашто од 200 милиона евра во минус, ќе дојде на позитивна нула“,
изјави Мицкоски.
Електрани на Северна Македонија неодамна се позајмија 82 милиони евра, поради неисплатени обврски. Минатата Влада практично ја субвенционираше загубата и зголемените трошоци поради растот на цената на енергенсите на светско ниво пред се поради војната во Украина.
Новата Влада јасно кажа дека нема намера да продолжи да го субвенционира ЕСМ и обвини дека голем дел од трошоците се напумпани поради лукративни причини. Обвинителството веќе отвори еден случај, за набавка на неколкукратно поскапи адитиви, кои патем и не се користеле.
Што се однесува до кредитите од унгарските пари, Мицкоски вели дека износот ќе биде до десет милиони евра и тоа за инвестиции, а минималното учество на инвеститорот е 20 проценти од самиот проект. Според премиерот, дел од овој проект ќе бидат сите оние коишто ќе инвестираат во основни средства за работа, во производни системи од обновлива енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба.