Со мерките, како што најави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција, се опфаќаат 120 илјади млади лица, над 74 илјади социјално ранливи категории граѓани, над 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, речиси 540 илјади корисници на апликацијата „Мој ДДВ“, 600 илјади домаќинства, како и над 70 илјади компании. Мерките ќе почнат да важат од 1 декември и нивното времетраење е различно
На новинарско прашање дека мерките се со траење до одржување на изборите идната година, Ковачевски рече дека тие се правени за граѓаните, не се правени за изборите и нагласи дека дел од тие мерки завршуваат пред изборите, а некои продолжуваат и по нивното одржување

Ученици, студенти, пензионери, земјоделци, компании ќе бидат опфатени со новиот деветти пакет антикризни мерки во висина од 662 милиони евра, кој Владата го усвои на денешната седница.
Со мерките, како што најави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција, се опфаќаат 120 илјади млади лица, над 74 илјади социјално ранливи категории на граѓани, над 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, речиси 540 илјади корисници на апликацијата „Мој ДДВ“, 600 илјади домаќинства, како и над 70 илјади компании. Мерките ќе почнат да важат од 1 декември и нивното времетраење е различно, а Ковачевски вели дека сите средства се предвидени во буџетот и ќе се исплаќаат согласно роковите.
„Со системските мерки за 2023 и 2024 година опфатени се над 338 илјади пензионери и 106 илјади вработени во администрацијата. Мерките наменети за граѓаните, домаќинствата и земјоделците се во износ од 156 илјади евра“,
рече Ковачевски.
Тој најави дека над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните шест месеци ќе добиваат по 1 200 денари, односно 1 800 денари месечно за што од буџетот ќе се издвојат 14,3 милиони евра. Мерки има и за 15 илјади студенти, кои живеат надвор од местото на студирање и тие ќе добијат ваучер за превоз. Студентите во наредните седум месеци месечно ќе добиваат ваучери од 600 до 1 200 денари за што, како што рече Ковачевски, се предвидени два милиона евра.
Корисниците на надоместок поради попреченост, самохрани родители, корисници на гарантирана минимална помош и родители на деца со попреченост до 26 години, премиерот најави дека во наредните пет месеци ќе добиваат по 1 000 денари месечно, а буџетската поддршка за 16 741 граѓанин е од 2,7 милиона евра.
„Во наредните пет месеци пензионерите со пензија до 14 000 денари ќе добиваат по три илјади денари месечно. Оние со пензија од 14 до 16 илјади денари ќе добиваат две илјади денари месечно, а пензионерите со примања од 16 000 до 19 000 денари во следните пет месеци ќе имаат поддршка од 1 500 денари. За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра и се опфатени над 187 илјади пензионери“,
најави Ковачевски.
Со новиот пакет мерки, премиерот рече дека се опфатени и земјоделците за кои е предвидена авансна исплата на субвенции преку ИПАРД-програмата и тоа за 40 илјади земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарство. За оваа мерка предвидени се 8,1 милиони евра, додаде тој.
Преку Програмата за енергетска сиромаштија, предвидени се еден милион евра за финансиска поддршка на над 5 000 семејства.
Исто така, Ковачевски рече дека се предвидени 1,1 милион евра за околу 2 250 корисници, за финансиска поддршка на домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
Ковачевски најави дека се продолжува и со мерката за субвенционирање на струјата и цената на топлинската енергија.
„Продолжуваме со финансиската поддршка за сметките за струја која е предвидена за домаќинства со ниски приходи – корисници на ГМП и социјална пензија, за кои поддршката изнесува 1 200 денари месечно во наредните шест месеци. Со оваа мерка се опфатени над 50 000 корисници со вкупен износ од 5,9 милиони евра“,
рече Ковачевски.
Со деветтиот пакет антикризни мерки, Ковачевски најави дека предвидени се средства и за поврат на ДДВ, преку мерката „Мој ДДВ“, за што е предвиден зголемен праг до 2 100 денари за секое тримесечје поединечно.
„Во овој пакет мерки обезбедивме финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите за нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3 до 9 илјади денари. Продолжува и поддршката на јавниот сектор за што вкупно се предвидени 14,9 милиони евра. Во соработка со СБ предвидени се поволни кредити наменети за општините за инвестиции во ЕЕ за што се издвоени 10 милиони евра. Обезбедени се пет милиони евра за Фонд за ЕЕ во Развојната банка во соработка со СБ со цел финансирање на проекти за ЕЕ и ОИЕ“,
рече Ковачевски.
На новинарско прашање дека мерките се со траење до одржување на изборите идната година, Ковачевски рече дека тие се правени за граѓаните, не се правени за изборите нагласувајќи дека дел од тие мерки завршуваат пред изборите, а некои продолжуваат и по нивното одржување.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во одговор на прашање појасни дека антикризните мерки се финансираат од приливи од јавни давачки и дека не се финансираат од кредити како и дека се предвидени во буџетите за 2023 и 2024 година.