Аца Лукас бил приведен околу 10 минути по полноќ, за време на контрола во угостителскиот објект од повеќе институции, вклучително полицијата од Кавадарци, инспектори за странци, пазарен инспекторат, инспекторат за труд и Управа за јавни приходи

Српската музичка ѕвезда Аца Лукас, синоќа беше приведен во полициска станица во Кавадарци додека настапуваше во локал.
Настапот на пејачот беше нагло прекинат, а полицијата откри детали за причините за интервенцијата.
Аца Лукас бил приведен околу 10 минути по полноќ, за време на контрола во угостителскиот објект од повеќе институции, вклучително полицијата од Кавадарци, инспектори за странци, пазарен инспекторат, инспекторат за труд и Управа за јавни приходи.
„Констатиравме дека Аца Лукас настапувал без потребната дозвола. За тоа му е изречена парична казна, а против него е поднесена прекршочна пријава“, објаснија од МВР.
При контролата, според полицијата, во локалот биле забележани и други прекршоци: неиздавање фискална сметка, непочитување на правилата за пушење и присуство на гости над дозволениот број. За сите овие прекршоци ќе следуваат соодветни поднесоци.
Полицијата соопшти дека ваквите зајакнати контроли ќе продолжат на целата територија на државата за санкционирање на секое кршење на законот.
