Семејството на 21-годишниот Ахмад Аливи Алиса тврди дека тој имал ментални нарушувања, дека имал и халуцинации и мислел дека некој го следи
Федералните и локалните власти на Колорадо испитуваат кој е обвинетиот за убиство на десет лица во супермаркет во градот Болдер.

Ахмад Аливи Алиса (21) беше уапсен во продавницата „Кинг Суперс“ каде го изврши масакрот.

Полицискиот извештај покажува дека биле пронајдени повеќе предмети кои осомничениот сакал да ги отстрани од местото на злосторството, како што се панцир, пушка и полуавтоматски пиштол, фармерки и маица.
По апсењето, Алиса е пренесен во болница, бидејќи бил ранет во ногата.
Истрагата покажала дека осомничениот купил пиштол „ругер АР-556“ шест дена пред убиството.
Снаата на осомничениот Ахмад Алиса, пак, им раскажала на истражителите дека, во деновите пред масовното убиство, тој си играл со оружјето, според нејзино мислење, автоматска пушка.
Асошиејтед Прес ги пренесува изјавите на семејството на осомничениот дека тој имал ментални нарушувања и дека имал и халуцинации. Неговиот брат за Си-ен-ен изјави дека од 2014 година бил и параноичен и мислел дека некој го следи.
Семејството на Ахмед Алиса дошло во Соединетите држави од Сирија, но властите велат дека тој речиси целиот свој живот го поминал во Америка.
Детективот Дејвид Снелинг од полицијата во Арвада изјави дека изминатите години тој имал неколку инциденти, меѓу кои и еден од средно училиште во 2017 година, како и казна за брзо возење од февруари годинава.
Алиса ќе биде изведен на судење утре.