Во нашиот Кривичен законик сѐ уште нема кривично дело ширење лажни вести, иако тоа го има во многу држави
По завршување на оваа вонредна состојба и по завршување на изборите, Владата ќе иницира широк заеднички консензус да се најде решение за справување со лажните вести. Како што изјави денеска министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, ќе се следат препораките на ЕУ, на ЕК, на сите развиени држави во светот, но и нашата специфика.

Тој потсети дека во нашиот Кривичен законик сѐ уште нема кривично дело ширење лажни вести, иако тоа го има во многу држави, додавајќи дека кризата со пандемијата уште повеќе го покажала деструктивното дејство на лажните вести и дезинформации.
„Владата, по примерот на некои соседни земји, не донесе уредба за информирање во текот на вонредна состојба, туку само повика на професионалност и етичност во работењето, транспарентно се однесува кон оваа светска криза, а надлежните министри постојано информираат за актуелните состојби за граѓаните да ја добијат вистинска слика и да знаат како да се однесуваат и да си го заштитат здравјето. За жал, лажните вести и понатаму пенетрираат и тоа е нешто што сериозно загрижува“,
рече Поповски на прес-конференцијата на која заедно со вицепремиерот Бујар Османи ја промовира мерката за помош на медиумите во услови на пандемија.
Поразувачки е податокот дека 10-ина отсто од граѓаните сѐ уште мислат дека вирусот не постои, а околу 40-ина и повеќе проценти дека е создаден во лабораторија, рече Поповски додавајќи дека оваа бројка не треба да ги загрижува само власта и институциите, туку и медиумите.
„Имаме заедничка задача вистинските информации да допрат до секој граѓанин, да најдеме начин и канал да стигнат до секого. Луѓето мора да ја знаат вистината. Лажните вести имаат токму таква функција, да ја дестабилизираат државата, системот, но во овој случај се директна закана за животите и здравјето на граѓаните“,
рече Поповски и апелира за максимална професионалност во информирање на граѓаните за справување со овој тренд на дезинформирање.
Вицепремиерот Османи најави дека наскоро може да се очекува и сет мерки, во согласност со европските политики и упатства, за одбрана од лажни вести и организирана пропаганда и ќе бараат вклучување на тој заеднички механизам.
*Поврзани вести
(ВИДЕО) Зошто дел од луѓето упорно веруваат дека не постои коронавирусот
