Мажот е евакуиран од страна на екипа на Планинската спасителна служба, по што бил пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ каде што му биле констатирани фрактури на пет пршлени во долниот дел на ‘рбетот
Параглајдерист од Германија вчера попладне од поголема височина паднал на исклучително непристапен и карпест терен на падините на Галичица. Мажот е евакуиран од страна на екипа на Планинската спасителна служба со седиште во Охрид, која била информирана за незгодата околу 18:30 часот од група параглајдеристи.

Тројца спасители од Планинската спасителна служба кои се наоѓале во планинарската куќа „Спиридон“ по 15-ина минути стигнале до местото на несреќата, го мобилизирале повредениот, по што започнал транспортот на параглајдеристот по непристапниот терен.
„По повеќе од еден час напорна интервенција, во 20:20 часот, повредениот беше безбедно спуштен до асфалтниот пат кај превојот Баба, каде беше предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид. Од таму, тој веднаш беше пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија ‘Св. Еразмо’, каде, за жал, му беа констатирани фрактури на пет пршлени во долниот дел на ‘рбетот“,
информираат од Планинската спасителна служба.
Оттаму апелираат на внимателност до сите посетители на Галичица.