Учесниците на настанот посебно го поздравија присуството на новиот градоначалник Томислав Томашевиќ, кој порача дека Загреб е отворен град, кој ги слави разликите
Околу 2,5 илјади луѓе учествуваа денеска на 20. парада на гордоста во Загреб, од каде што беше испратена порака дека ЛГБТ заедницата е зајакната, но дека борбата не е завршена.
„Нашите дваесет паради ги направија нашиот град и нашата држава подобро, подемократско, посреќно место за живеење на сите граѓани“,
е пораката од прогласот од денешниот настан.
Како што јави порталот „Индекс“, учесниците на парадата посебно го поздравија присуството на настанот на новиот градоначалник на Загреб, Томислав Томашевиќ.

Во изјава за новинарите, Томашевиќ рече дека Загреб е отворен град, кој ги слави сите разлики, додавајќи дека никој не може и не смее да биде дискриминиран по која било основа, вклучително и сексуална ориентација.
Тој потсети дека ова е првпат градоначалник на Загреб да доаѓа на парадата.
Парадата на гордоста во Загреб беше организирана со епидемиолошки мерки и оваа година, така што за учество беше потребна ковид- потврда.
Организаторите посочија дека на парадата се собрале околу 2,5 илјади лица, што е двојно помалку од вообичаената посетеност, ама дека тоа е „соодветно на времето во кое живееме“, посочувајќи на пандемијата.