Ова е четврта по ред Парада на гордоста/Скопје прајд и ќе се одржи под мотот „Гласни и горди!“
На 24 јуни, во 17 часот во паркот „Жена-борец“, ќе започне официјалната програма на овогодинешниот „Скопје прајд“. Според Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, по собирање на учесниците и кратките поздравни говори, во 19 часот ќе започне протестниот марш по скопските улици, според истата рута како и минатите години. Маршот ќе заврши со културно-музичка програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

„Напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права. Токму затоа, Прајдот останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството“,
соопштија од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
На денешната прес-конференција по повод Скопје Прајд, универзитетската професорка Ирена Цветковиќ изјави дека загрижува силното негативно мобилизирање на верските заедници и конзервативните политичари против ЛГБТИ заедницата.
„На нашите Паради изминатите години можевме да видиме и родители коишто гордо застанаа покрај своите ЛГБТИ+ деца и маршираа за нивните права. Со ова тие испраќаат порака кон другите родители што можеби сè уште се плашат или не знаат како да ги прифатат своите деца – дека друга реалност е возможна за нив. Овие храбри исчекори се базата за тоа како сакаме да изградиме еднакво општество“,
рече Ангел Димитриевски од Националната мрежа.
Новините во програмата ги презентираше активистот Кочо Андоновски. Тој кажа дека Парадата се отвора како платформа за многу други каузи.
„Тие беа присутни и во изминатите години, но тоа не беше организирано и некако се губеа сите тие пораки и транспаренти, така што оваа година ги повикуваме сите оние кои имаат свои кампањи, различни активности и сакаат да бидат препознаени со своите пораки и свои обележја да ни се јават“,
рече Андоновски.
Организаторите се заблагодарија на Министерството за одбрана за поддршката, како и на Министерството за внатрешни работи за тоа што постави нови стандарди во регионот за тоа како се обезбедува овој настан.