Папата Лав Четиринаесетти, духовниот водач на католиците и поглавар на Ватикан, му ја нагласил на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потребата од заштита на местата за богослужба и сите луѓе во Палестина и Израел, како и од воспоставување прекин на огнот во Газа
Папата Лав Четиринаесетти, кој се наоѓа во својата летна резиденција Кастел Гандолф во близина на Рим, утрово добил барање за телефонски повик од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по вчерашниот израелски воздушен напад врз црквата на „Светото семејство“ во Газа, во кој загинаа три лица, а многу други беа повредени, информираа од Канцеларијата за односи со јавноста на Ватикан.
За време на разговорот, папата го повторил својот повик за продолжување на преговорите, за итно прекинување на огнот и за прекин на војната. Тој, исто така, изразил длабока загриженост за тешката хуманитарна ситуација во Појасот Газа, нагласувајќи дека децата, старите лица и болните плаќаат неподнослива цена.
„Утрово, од својата резиденција во Кастел Гандолф, Неговата Светост папата Лав XIV разговараше со неговата екселенција Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел, по вчерашниот воен напад на израелската армија врз црквата ‘Светото семејство’ во Газа, во кој загинаа три лица, а други беа повредени, некои од нив сериозно. Неговата Светост уште еднаш ја нагласи итната потреба за заштита на светите места, но и на сите верници и цивили во Палестина и Израел“,
се вели во соопштението.
Црквата „Светото семејство“, единствената католичка црква во Газа, беше погодена вчера наутро од израелски напад, при што загинаа три лица, а десет други беа повредени, вклучувајќи го и парохискиот свештеник, отец Габриел Романели.