Папата Франциск денеска внесе големи промени во начинот на кој Римокатоличката црква ќе се занимава со случаите на сексуално злоупотребување, така што го укина правилото на понтификална тајна, кое претходно ги штитеше сторителите на злоупотребувањата.
Двата документа што ги објави папата соодветствуваат со праксата што постои веќе извесно време во некои земји, вклучувајќи го и пријавувањето сомнеж кај цивилните власти за сексуално злоупотребување, каде што тоа е пропишано и со закон, пренесоа британските медиуми.
Тие, исто така, забрануваат наметнување обврска за молчење на оние што пријавуваат сексуално злоупотребување или тврдат дека се жртви.
Папата, исто така, ја промени и дефиницијата за тоа на кого се алудира со „детска порнографија“, при што возрасната граница на жртвите, која беше за 14-годишни деца и помлади, сега се однесува на лица на 18 години и помлади.
Понтификалната тајна беше правило на тајност со кое се заштитуваат чувствителните информации во однос на владеењето на Црквата, слично на статусите „класифицирани“ и „доверливо“ кои се користат во компаниите и цивилните влади.
Во минатото Римокатоличката црква беше обвинувана дека ги користи овие правила на тајност како оправдување за непријавување случаи на злоупотреба. Доколку некој го нарушеше ова правило, се соочуваше со екскомуникација од Црквата. Денешната одлука на папата се смета како обид на Римокатоличката црква да се справи со обвинувањата за сексуални злоупотреби во низа религиозни институции низ сите континенти.