Според изјавата на кардиналот Пјетро Паролин, папата Лав Четиринаесетти е подготвен, доколку е потребно, да ја стави Светата столица на располагање за да ги прими двете страни во обид да се стави крај на војната
Новоизбраниот папа Лав Четиринаесетти планира да понуди Ватикан да биде домаќин на преговори на високо ниво меѓу Украинa и Русија, откако денешните први директни преговори од 2022 година се разводнија откако рускиот претседател Владимир Путин одби да се сретне очи в очи со својот украински колега Зеленски.

Според изјавата на кардиналот Пјетро Паролин, папата е подготвен, доколку е потребно, да ја стави Светата столица на располагање за да ги прими двете страни во обид да се стави крај на војната.
Паролин го изрази и своето разочарување од руско-украинските разговори кои се одржаа денеска во Турција.
„Сето ова е трагично бидејќи се надевавме дека ќе започне можеби бавен, но процес преку кој ќе се дојде до мирно решение на конфликтот. Наместо тоа, се вративме на почетокот“,
рече кардиналот Пјетро Паролин.
Папата Лав Четиринаесетти, кој беше избран минатата недела, јасно стави до знаење дека посветеноста кон постигнување мир во Украина ќе биде главен приоритет на неговиот понтификат.
На првите директни преговори од 2022 година кои се одржаа денеска во Истанбул, Русија и Украина договорија меѓусебна размена на 1 000 заробеници. На средбата било разговарано и за можен прекин на огнот, како и за потенцијална средба на украинскиот и рускиот претседател, Володимир Зеленски и Владимир Путин.