Ненавременото одење на лекар може да донесе нови случаи на тешки заболувања како што е карцином. Директорката на Клиниката за хематологија, д-р Ирина Пановска-Ставридис, во изјава за Канал-5 вели дека поради ненавремени прегледи се намалила бројката на пациенти со лимфом во однос на минатата година.
Ако минатата година биле дијагностицирани 150 оваа година се околу 100-ина пациенти.
„Апелираме, зголемени лимфни јазли, малаксаност, не се ковид-19. Лимфомот колку порано се открие толку квалитетот на живот е подобар, секое доцна дијагностицирање дава потешко лекување“,
вели Пановска-Ставридис.
Лимфом е многу сложен рак на лимфните клетки. Симптоми се намалена енергија, треска, отечени жлезди, чешање на кожата и намалување на телесната тежина без причина.
„Луѓето повеќе умираат од рак отколку од ковид. Мора навреме да се реагира и комбинацијата на рак со ковид може да биде фатална“,
вели Пановска-Ставридис за Канал 5.
На Клиниката за хематологија на пациентите што доаѓаат на терапија им се прави брз тест за ковид-19 со цел да се намали дополнителен ризик.