„Не знам кој ќе биде судија во тој случај, меѓутоа јас искрено верувам дека сега ги имаат и судиите и правните застапници на обвинетите условите во овој објект да се одвива тоа судење“, изјави директорот на Управата за извршување санкции кој денеска пред почетокот на судскиот процес за случајот „Адитив“ беше прашан дали бил контактиран за евентуалното судење за пожарот во Кочани каде веројатно ќе има многу обвинети
Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, верува дека евентуалниот судски процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани ќе се одвива во дигиталната судница во рамките на затворот „Идризово“ во Скопје.

Направена во 2020 година, досега користена само еднаш кон крајот на 2022 година, а реактивирана од денеска за судскиот процес за случајот „Адитив“, дигиталната судница според Пандов е во одлична состојба и може да одговори на потребите за големите судски случаи, особено оние со голем број обвинети.
А речиси е извесно дека такво ќе биде и судењето за трагедијата во Кочани, имајќи предвид дека досега во истрагата се осомничени речиси 70 физички и три правни лица.
Истрагата досега беше проширувана во неколку наврати, а последно за што информираа вчера од Јавното обвинителство се однесува на сопственикот на објектот во кој се наоѓаше т.н. кабаре „Пулс“, во кое животот го загубија 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски мината недела изјави дека истрагата за катастрофалниот пожар треба да заврши до почетокот на следниот месец, по што треба да биде поднесено обвинение.
Инаку, истражната постапка е под надлежност на Основното јавно обвинителство Кочани, но ја спроведува проширен тим од над 10 обвинители од Скопје и други градови.
Во таа насока, едно од прашањата што се наметнува е каде би се одвивал судскиот процес, доколку истрагата финишира со голем број обвинети.
„Искрено верувам дека тоа ќе биде тука“,
вели Пандов.
Имено, тој денеска пред почетокот на судскиот процес за случајот „Адитив“ беше прашан дали бил контактиран за евентуалното судење за пожарот во Кочани, каде веројатно ќе има многу обвинети.
„Јас во тоа име и се обраќам сега, како повик до секој еден судија, не знам кој ќе биде судија во тој случај, меѓутоа јас искрено верувам дека сега ги имаат и судиите и правните застапници на обвинетите, условите во овој објект да се одвива тоа судење“,
рече директорот на Управата за извршување санкции.
Говорејќи за објектот, тој потсети дека во близина на судницата ќе биде изградено новото притворско одделение во рамките на втората фаза од реконструкцијата на затворот „Идризово“. Изградбата, како што наведе Пандов, се очекува да започне до крајот на годината или почетокот на следната, а средствата за таа намена кои беа замрзнати од Европската банка за обнова и развој, повторно треба да бидат ставени на располагање.
„Таму ќе се наоѓа притворското одделение. Ќе има 420 кревети. Ќе биде идеална за сите останати судења не само за поголемите, туку и за помалите судења, да не треба да се прават спроводи од Шутка, од Куманово или од некој друг град до Кривичниот суд во Скопје, туку веднаш до самата судница ќе биде главниот притвор во Република Македонија. За тоа ние сега веќе ги имаме обезбедено сите дозволи. За среќа, одмрзнати се парите од Банката за обнова и развој на Советот на Европа и верувам дека до крајот на годината повторно тука ќе се собереме, не за судење, туку за почеток на градбата на новото притворско одделение“,
рече директорот на Управата за извршување санкции.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој потсети дека парите од ЕБОР без замрзнати затоа што македонските затвори се под постојан мониторинг на Комитетот на Советот на Европа за спречување тортура и нехуман или понижувачки третман или казна (КПТ), од каде изминатиот период имаа бројни забелешки за работењето на казнено-поправните установи во земјава и институциите надлежни за нив.
„Парите од кредитот беа под мораториум. Ги имаме на сметка, меѓутоа не можеа да се користат. Не ми е ветено, кажано ми е дека на 12 јуни ќе имаат состанок на бордот на директори (на ЕБОР) и дека ќе донесат одлука. Овие десет месеци тие се задоволни од прогресот што го имаме направено и даваат максимална поддршка. Парите првично ќе бидат ослободени на една година, а ако работите се движат како што треба, а јас сум сигурен во тоа дека така ќе биде, на располагање ќе ги имаме додека не се заврши проектот“,
кажа Пандов.
Инаку, судницата првпат беше користена во судски процес за трговија со дрога во декември 2022 година.
Како што соопштија по тој повод тогаш од Основниот кривичен суд Скопје, дигиталната судница е изградена според светските безбедносни стандарди со посебни влезови за судечкиот совет, странките, јавноста, како и спровод на притворените лица со целосно почитување на нивните права загарантирани со Устав. Ова, како што беше наведено тогаш, освен што овозможува поголема непристрасност во постапувањето на судот, ќе придонесе и во економичноста на постапката со намалување на трошоците за транспорт и обезбедување на притворени лица, од притворското одделение до зградата на Кривичниот суд.

Судницата е опремена со најсовремена опрема за аудио-визуелно снимање на расправите, како и опрема за репродукција на доказен материјал, која ќе биде користена во понатамошниот тек на судскиот процес, а воедно располага и со опрема за сослушување на загрозен сведок со соодветна заштита на неговиот идентитет и сослушување на странки на оддалеченост, односно без нивно физичко присуство, информираа во декември 2022 година од Врховниот суд.