Според Обединетите нации, во 2019 година 812 милиони луѓе во светот живееле во екстремна сиромаштија, а до 2021 година поради ковид-пандемијата тој број се зголемил на 889 милиони. Поради војната во Украина, пак, анализата покажува дека уште 1,7 милијарди луѓе се соочуваат со зголемени трошоци за храна, енергија и ѓубрива

Ковид-пандемијата минатата година довела дополнително 77 милиони луѓе до екстремна сиромаштија, и многу држави во светот до неможност економски да закрепнат од трошоците за отплата на долговите. Оваа состојба, како што соопштија од Обединетите нации, е регистрирана пред почетокот на воениот конфликт во Украина.
Во извештајот на организацијата се наведува оти во закрепнувањето на најсиромашните земји би можеле да им помогнат богатите земји преку заеми со минимални каматни стапки.
Сепак, најсиромашните земји потрошиле милијарди евра за сервисирање на долговите и се соочиле со многу повисоки трошоци при задолжување, па затоа не можат да инвестираат во образованието, здравството, животната средина и намалувањето на нееднаквоста.
Според Обединетите нации, во 2019 година, 812 милиони луѓе во светот живееле во екстремна сиромаштија, а до 2021 година поради ковид-пандемијата тој број се зголемил на 889 милиони.
Извештајот на ОН претставува финансиски план за постигнување на развојните цели на Организацијата до 2030 година, меѓу кои ставање крај на сиромаштијата, обезбедување квалитетно образование за сите млади луѓе и постигнување родова еднаквост.
Анализата на ОН покажува уште дека 1,7 милијарди луѓе се соочуваат со зголемени трошоци за храна, енергија и ѓубрива како резултат на војната во Украина.