Според Извештајот на ИДСЦС за првото полугодие од годинава, во 38 отсто од пратеничките излагања немало аргументи, додека во 48 проценти слабо се аргументирало. Еден или повеќе аргументи се забележани во 14 отсто од дискусиите, при што не е забележана промена на став
Пратеникот Панчо Минов од СДСМ, а потоа Гордана Силјаноска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ се пратениците кои најчесто се јавувале и збор и најмногу се задржувале на говорницата во првото полугодие од 2021 година, според редовниот извештај на Институтот за демократија (ИДСЦС), во рамки на Програмата за парламентарна поддршка, поддржана од Швајцарската амбасада во земјава, НДИ и Центарот за управување со промени.
Извештајот од набљудувањето на квалитетот на дебатата во Собранието (јануари – јуни 2021) покажува релативно ниско ниво на квалитетот на дебатата во Собранието во последните две години и, како што се наведува, го потврдува
заклучокот дека постои простор за значителено подобрување.
На скала од 1 (најнизок) до 10 (највисок), средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието во првото полугодие на 2021 е 5,6, што споредено со претходниот период на набљудување, кога оценката била 5,5 (август – декември), бележи благо подобрување во нивото на аргументација.
Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 63 проценти од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 37 проценти.
Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Минов и Силјановска-Давкова, а меѓу најактивните 10 пратеници се најдоа четири пратенички, Силјановска-Давкова, Благица Ласовска и Ели Панова (0д ВМРО-ДПМНЕ) и Снежана Калеска-Ванчева (СДСМ), односно една пратеничка повеќе споредено со претходниот период.
Дополнително, во овој период на известување 43 проценти од говорниците се жени, што, споредено со
претходниот период, бележи зголемување за осум процентни поени (35%).
Извештајот бележи слично ниво на интеракција и размена на ставови помеѓу учесниците во дискусијата со претходниот период на набљудување.
Во набљудувачкиот период, се одржале сите шест седници на пратенички прашања предвидени со Деловникот на Собранието. Во однос на на аргументацијата на дискусиите, генерално се забележува подобрување на нивото на
аргументирање од страна на учесниците во дискусијата во Собранието, во споредба со претходниот период на набљудување (август -декември 2020).
Говорниците во 38 отсто од нивните изглагања немаа аргументи, додека во 48 проценти слабо аргументираа. Еден или повеќе аргументи се забележани во 14 отсто од дискусијата. Во набљудуваните дискусии не е забележана промена на став кај пратениците, ниту поради подобри аргументи кај соговорниците,ниту поради други причини.
Во 46 проценти од дискусиите, пратениците не се осврнуваат на силата и квалитетот на аргументите на другите говорници, додека во 40 отсто пратениците останаа на својот став и не ја признаа вредноста на аргументите на
колегите од другите политички опции. Пратениците повеќе се осврнуваат кон разгледување на личноста на соговорниците отколку кон аргументите на истите, се наведува во Извештајот.