Палмер и тука ги повтори неговите ставови дека ако САД и ЕУ не покажат ангажираност за регионот, тоа придонесува за зголемување на скептицизмот и во самиот регион и можност за геополитичките конкуренти агресивно да го нарушат кредибилитетот на САД и ЕУ и самиот регион да се сомнева во интегритетот на нивната колективна определба
Разочарани сме што прашањето за отворање на првите меѓувладини конференции за Северна Македонија и Албанија не беше решено и покрај силното застапување и разумните решенија на португалското претседателство и на силните европски партнери, изјави денеска во Охрид заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања Метју Палмер на панелот „На патот до подобро поврзан и интегриран регион – Кој е ризикот? Како да стигнеме таму?“, во рамки на првата Меѓународна конференција на „Преспа форум за дијалог“.
Палмер и тука ги повтори неговите ставови дека ако САД и ЕУ не покажат ангажираност за регионот, тоа придонесува за зголемување на скептицизмот и во самиот регион и можност за геополитичките конкуренти агресивно да го нарушат кредибилитетот на САД и ЕУ и самиот регион да се сомнева во интегритетот на нивната колективна определба.

Палмер говореше и за важноста на како што го нарече, историскиот Договор од Преспа на Северна Македонија со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, за кои посочи дека се примери за поголем регионален ангажман на С Македонија во корист на нејзините граѓаните.
„Владата на Северна Македонија е фокусирана на спроведување на потребните политички и економските реформи дома, за привлекување квалитетни инвестиции и за активна и продуктивна улога на регионалните и економски иницијативи. Владата е го искористи своето силно партнерство со Грција за да обезбеди сопствена енергетска безбедност и сега сме на прагот да направиме многу повеќе отколку досега“,
рече Палмер.
Во однос на улогата на САД во регионот, рече дека САД имаат долгорочна визија за регионот за мир со себе и со соседите, стабилен, просперитетен и интегриран во евроатлантската рамка. Смета дека позитивно е што оваа визија ја делат и европските сојузници и партнери и самите земји.
„Сепак, и покрај нашата заедничка визија колку што можат да бидат важни нашите индивидуални улоги, треба да се предизвикаме себеси да го направиме Западен Балкан многу повеќе како двигател, отколку како предмет на трансатлантска соработка, како таму да имаме подобра поврзаност со оглед на познатите блокади на патиштата“,
рече Палмер.
На лидерите во регионот им порача дека мора да ја преземат одговорноста за нивната европска иднина и оти САД веруваат дека напорите за регионот кон воспоставување на заеднички регионален пазар се нормални чекори на патот кон членството во ЕУ, додавајќи дека регионалната соработка и економска интеграција се од витално значење меѓу државите.

„Спротивставувањето на корупцијата е основа за зачувување и зајакнување на демократијата. Кога политичките лидери крадат од граѓаните на нивната земја, и го нарушуваат владеењето на правото и независното судство, економскиот раст се забавува, нееднаквоста се шири, како и правичниот пристап до услугите. Според тоа, реформите не треба да бидат дизајнирани само за заживување на економијата по ковид. Исто така мора да бидат во насока на зајакнување на демократските институции за да ги направат понезависни и потранспарентни“,
рече Палмер.
Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна” се одржува денеска и утре во Охрид и Отешево со учество на околу 300 учесници, високи домашни претставници, но и високи претставници на Европа и САД, меѓу кои премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор. За настанот се акредитирани над 100 домашни и странски новинари.
Учесниците на Конференцијата ќе се осврнат и на трансатлантските врски, кои ќе бидат тема на дискусија и обработка на панелот на високо ниво на вториот ден од Конференцијата, каде ќе се разговара за враќањето на синергијата меѓу ЕУ и САД во однос на Западниот Балкан.