Според неговото тврдење, во кривичната пријава како време кога е убиен Жежовски е наведено времето 21:30 часот, додека во обвинението како време стои 9:30 часот, односно дека на едно место стои дека е убиен навечер, а на друго наутро
Тој, на денешното рочиште, на кое одговараше на прашања на неговиот адвокат, изнесе низа обвинувања за водењето на истрагата од страна на полицијата и Основното јавно обвинителство Скопје, чија единствена цел била, како што кажа, Палевски од 4 декември да биде монструм, а оружјето да не се бара
Љупчо Палевски-Палчо во продолжението од денешното рочиште на кое даваше исказ пред судот, меѓу другото, рече и оти постои можност велешанецот Панче Жежовски да не бил убиен на 22 ноември 2023, како што е наведено во обвинението.

Првообвинетиот за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски денеска одговараше на прашања на неговиот адвокат Јовица Страшевски.
Тој излезе со тврдење дека можно Жежовски да бил убиен на 24 ноември 2023 година. Палевски ова свое тврдење, одговарајќи на прашањата, го темелеше на три моменти. Тој излезе со тврдење дека досега не е утврдено точното време кога е убиен Жежовски, а како дополнителни аргументи ги наведе сведочењето на обвинетиот Велибор Манев дека на 24 ноември отишле да го закопаат неговото тело, како и тоа што правел на 22 ноември.
„Моментот на смрт на Панче Жежовски до денес не е утврден. Докажано е и евидентирано дека двете возила поминуваат покрај хотелот ‘Романтик’ и заминуваат по регионалниот пат кон Скопје. Како пресметале кога е убиен Панче? Досега не понудија докази. Според времињата, она што е сигурно е дека Кешишев во 10:30 часот поминал покрај хотелот ‘Романтик’ кај езерото Младост. Како успеале, според тврдењето на ОЈО, да го убијат Панче и да се возат во шок и бессознание до Маџари, да се паркираат, да се претоварат во „кангуто“ и да стигнат до 11:47 часот да разговараат на телефон? Тоа е невозможно физички. Затоа, чудно, на 24 ноември се враќаат во Рудник, според исказ на Манев, дека отишле да го затрупуваат. Дали е тоа напад на совест, не знам, па по вторпат се враќаат на местото на злосторството, но постои можност и тогаш да е убиен Панче. Јавното обвинителство не се потрудило да утврди време на смрт на Жежовски, од едноставна причина, за да можат да шетаат низ времето“,
рече Палевски.
Според неговото тврдење во кривичната пријава како време кога е убиен Жежовски е наведено времето 21:30 часот, додека во обвинението како време стои 9:30 часот, односно дека на едно место стои дека е убиен навечер, а на друго наутро.
Палевски, одговарајќи на прашања на неговиот адвокат, даде свое сведоштво за тоа што се случувало по неговата екстрадиција од Турција во земјава. Говорејќи за овој дел, тој рече дека екстрадицијата се случила на 15 мај во вечерните часови и оти нема никакви забелешки за однесувањето на Одделението на Министерството за внатрешни работи за екстрадиција, а како што кажа, коректен бил односот и во затворот „Скопје“.
„Но, не беше коректно однесувањето на Обвинителството и на судот“,
рече тој.
За време на примопредавањето во затворот, каде што бил спроведен во притвор, не му бил даден никаков документ бидејќи решението за притвор било со погрешени матичен број и место за живеење.
„Бев притворен без никаков документ. Истиот месец на 21 мај во крајно понижувачка состојба со врзани раце зад грб и наведната глава пред влезот на овој суд во присуство на 50 камери бев донесен за да ми биде врачено решението за притвор. Не само што бев киднапиран шест дена, не ме удостоија ниту да ме известат зошто сум притворен“,
рече Палевски.
Тој го обвини поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дека е организатор на целиот процес против него.
„Оливер Спасовски, кој е организатор на сето ова против мене, доби кривична пријава заедно со Зоран Заев за намерата да го продадат Чебрен Галиште во форма на концесија на грчка фирма. Таа кривична пријава е помеѓу убиствата на Панче и Вања, а ја поднесе претседателот на Централниот комитет на Десна, Ѓорѓи Џолев“,
рече Палевски.
Палевски во детали ја анализираше и коментираше истрагата на на Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителството Скопје.
Единствената цел, како што рече, им била од 4 декември Палевски да биде монструм, а не да се бара оружјето.
Кога станува збор за оружје, тој од својот адвокат беше прашан дали поседува оружје. Одговарајќи, Палевски се наврати на моментот кога заедно со Манев, Кешишев и Видевски биле во Демир Капија. Тоа било шест месеци пред убиствата на Вања и Панче. Тогаш од полицијата му бил одземен и пиштолот „валтер пи99“. Додаде дека друг пиштол не поседувал. Рече и дека тогаш прв пат ги видел „моторилите“, а за одењето во Демир Капија тврдеше дека иницијатор бил Велибор Манев.
„Инсистирањето и целата организација на тој настан е од Велибор Манев. Инсистираше, јас и Влатко Кешишев да сме внимавале, додека Велибор Манев и Боре Видевски проверуваат пештера која е во непосредна близина на реката Вардар во клисурата Демир Капија. Тогаш прв и последен пат видов ‘моторола’ која ја извади од автомобилот Велибор Манев, една ни даде на мене и на Влатко, кои останавме надвор, а втората ја понесоа со себе Велибор и Боре кога влегоа во пештерата да ја проверат. Сето ова што го кажувам е запишано во записник на полициската станица Неготино и е дел од листата на докази на ОЈО“,
рече тој.
Според Палевски, овој настан е важен бидејќи времето на задржување на Демир Капија одговара на она што Обвинителството го прикажа како дел од доказниот материјал и за кое вели дека покажува како четворицата се собираат ред убиството на Жежовски.
„Со овој настан се утврдуваат три важни околности, време, ‘мотороли’, пиштол“,
рече првообвинетиот за убиствата на Вања и Панче.
Палевски обвини и дека поради однесувањето на Обвинителството, бил спречен навреме на изврши увид во доказите и тоа морал да го направи по почетокот на главната расправа. Рече и дека во обвинението против другите четворица, кое беше објавено на 12 август, биле ставени предмети со негова ДНК.
„Бев спречен да знам какви докази се против мене, затоа што судот со решение ги спои двете обвиненија на 04.09.2024. Дури после тоа можев да направам увид во доказите против мене, кога веќе беше започната главната расправа“,
рече Палевски.

Претходно во исказот денеска тој негираше одговорност за убиствата на Вања и Панче тврдејќи дека нема мотив за такви злосторства и дека е жртва на „морален атентат“, организиран од политички и медиумски структури. Според него, обвиненијата се дел од обидите за негово дискредитирање поради неговите активности против корупцијата и перењето пари во земјата, како и политичкиот ангажман за организирање референдум против Договорот со Бугарија.
„Не сум ги извршил убиствата и грабнувањата. Во депото на обвинителството, мислам на скопското, се наоѓа хард-диск ’тошиба’ кој ми го одзедоа и каде што има гнасотии за оваа политичка елита и на новинарската професија. И ако сум сакал да остварам какво било користољубие, сум можел да уценувам милијардери со ‘ферари’, но тоа не сум го направил”,
рече Палевски.
Одговарајќи на прашањата од неговиот адвокат, Јовица Страшевски, нагласи дека патувал до Турција на регуларен начин поради здравствени причини и лични интереси.
Посетата до Истанбул, според неговиот исказ, покрај снимање магнетна резонанца била и заради посета на воен архив
„Втора причина е посета на воен архив во Истанбул. Требаше да земам копија и доказ дека на 4 мај 1903 година во село Баница немало ниту еден аскер и дека Гоце Делчев не е убиен од турска војска, туку од врховистите. Третата причина зошто сум гледал карти од Минск и од Москва е мојата желба и намера да одам во Москва, но ниту сум букирал карта, ниту сум купил, туку мојата желба и намера не се реализирала, а на обвинителката многу добро ѝ е познато зошто. Јас требаше да одам во Москва од причина да земам копија од Новгородски ливчиња од јавната библиотека на Москва“,
рече тој.
Следното рочиште од главната расправа е закажано веќе за два дена, односно в среда (16 април), кога Палевски треба да продолжи со својот исказ, односно да одговара на директни прашања на неговиот адвокат.