Љупчо Палевски-Палчо, веќе еднаш, на рочиштето на 27 јануари бараше изземање на обвинителките и на целото ОЈО Скопје, но тоа беше одбиено. На денешното рочиште, тој пред судот рече дека сега бара изземање за тројцата обвинители поединечно под нови околности и причини, односно пристрасност во водењето на постапката. Дополнително, побара изземање и на шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски
Љупчо Палевски-Палчо, првообвинет во случајот за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, на денешното продолжение од главната расправа повторно побара изземање на обвинителите кои го застапуваат предметот. Освен за обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска, Палевски бара изземање и на шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски.

Тој веќе еднаш, на рочиштето на 27 јануари, бараше изземање на обвинителките и на целото ОЈО Скопје, но тоа беше одбиено. На денешното рочиште тој пред судот рече дека сега бара изземање за тројцата обвинители поединечно под нови околности и причини, односно пристрасност во водењето на постапката.
„Новата околност и причините се фалсификување податоци за да можат да изготват фалсификуван доказ за телефонска анализа, а со цел нивниот сведок Ерол Османи под заклетва пред судот да изнесе невистинити податоци”,
рече Палевски на денешното рочиште.
Тој во поткрепа на барањето наведе десет, како што ги нарече, докази од кои, според него, се гледа дека во извештајот од телефонска анализа за позицијата на неговиот телефон според базни станици има празни полиња кои се однесуваат на неговото движење на 22 ноември 2023 година, денот кога е убиен Панче Жежовски и од 28 ноември истата година.
„На страница 36 (од извештајот) каде се податоците за базни станици за критичното време 22.11.2023, кога е убиен Панче Жежовски, полињата со податоците од базни станици во Велес се празни… Зошто ОЈО Скопје има проблем со податоците од мојот мобилен телефон”,
рече Палевски.
И во останатите, како што ги нарече докази, рече дека недостасуваат податоци за неговиот телефон, што, како што изјави, се доволни докази дека се бришани и манипулирани податоци во доказот број 180 (на обвинителството) за анализа на телефонски повици. На крајот од образложението на барањето, Палевски рече оти се надева дека тој што ќе одлучува за него ќе го почитува законот и нема да одлучува сам за себе како минатиот пат.
Судијата Ивица Стефановски го нотира барањето, по што рочиштето продолжи со изведување докази, односно обвинителката наведе подолг список на предмети, од шишиња, догорчиња, вреќи, хард-дискови, ракавици, таблети, СИМ-картички, мобилни телефони… пронајдени на местата каде што биле пронајдени телата на Вања и Панче, потоа во запалениот „ситроен” со кој била грабната Вања, зградата од каде што била грабната и од претреси на други простории.
За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче покрај Палевски обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски кој се гони за помагање. Сите петмина на почетокот на судскиот процес во октомври лани се произнесоа дека не се чувствуваат виновни. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.