Бизнисменот Љупчо Палевски, кој во септември беше приведен на белградскиот аеродром на пат кон Москва по потерница од Хрватска, а потоа екстрадиран во Хрватска, е ослободен.
Ова тој го објави на својот Фекјсбук профил заедно со фотографија.
„8 месеци Србиве ме носеа на суд во Хрватска, а Хрвативе за 10 дена ме пуштија раат. Јустијана на Балканов е класична к**ветина“,
напиша Палевски.
Во септември неговиот адвокат Васко Стојков за „360 степени“ изјави дека Палевски бил приведен на аеродромот во Белград каде се подготвувал да отпатува за Москва за да склучи бизнис зделка.
Стојков тогаш рече дека Палевски своевремено живеел и работел во Хрватска и оти хрватските власти го бараат за долг на негова фирма од 2,5 илјади евра.
Според адвокатот, Палевски никогаш не примил покана на адресата во Македонија за да се појави пред хрватските правосудни органи.
Против бизнисменот Љупчо Палевски и уште три други лица во мај лани е поднесена кривична пријава за „неовластено прислушување и тонско снимање“. Кривичната пријава следи откако на 4 април за време на изборната кампања тие во Прилеп организираа собир на кој на разглас пуштија неколку нелегално прислушувани разговори. Во разговорите се појавија гласови на актуелни и пранешни функционери.
Кривичната пријава е поднесена од Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ПС од ОН Прилеп до ОЈО Прилеп.
Палевски е генерален секретар во партијата „Глас“ на Солза Грчева. Тој е поранешен прв човек на градската организација на СДСМ во Скопје, но потоа стана жесток критичар на владејачката партија. Тој беше и предмет на истрага на СЈО, беше приведен и му беше направен претрес во неговиот дом и компјутерите кои ги поседувал, но немаше покренато обвинение ниту информација што и дали нешто СЈО најде кај него.
Сомнежот наводно бил дека поседувал дел од „бомбите“.