Меѓу доказите што ги наведе обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска беа и анализи на телефонската комуникација на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо. Според она што беше усно презентирано во периодот од 27 ноември, денот кога била убиена Вања, до 1 декември 2023 година, Палевски остварил разговори само со обвинетиот Влатко Кешишов и со Стефан Димовски кој го возел од Белград до Турција
На денешното продолжение на судскиот процес за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, Обвинителството изведе подолга листа на докази од предмети поврзани со убиствата и обвинетите за нив.
Меѓу доказите што ги наведе обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска беа и анализи на телефонската комуникација на првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо. Според она што беше усно презентирано во периодот од 27 ноември, денот кога била убиена Вања, до 1 декември 2023 година, Палевски остварил разговори само со обвинетиот Влатко Кешишов и со Стефан Димовски, кој го возел од Белград до Турција. Најмногу од контактите на Палевски, кои биле екстрахирани од неговиот телефон „ајфон 13“ по неговата екстрадиција од Турција, биле остварени преку апликацијата „Телеграм“, а преку „Ватсап“ контактирал со три лица.
Презентирајќи ги доказите, обвинителката наведе и дека, според една од комуникациите, на 27 ноември, денот кога била убиена Вања, во 8:30 часот е регистриран повик во траење од девет секунди кон број во Турција. Обвинителката, изнесувајќи детали за телефонската комуникација, рече дека според тоа што го имаат Палевски на 2 декември, кога веќе бил во Турција, наводно за лекување, добил порака од неговиот домаќин таму, извесен Хусен, кој го информирал дека му резервирал авионски лет за Минск, Белорусија.
„Букирав авионска карта за Минск“,
гласела пораката, кажа обвинителката.
Исто така, како што наведе таа, Палевски преку порака од Турција му пишал на лице кое било во Москва дека на 5 декември планира да стигне во руската престолнина и барал од него да му помогне, односно да му организира превоз од аеродром.
„Пронајдена е комуникација со лице со име Драган, кој според комуникацијата е во Москва, кому Палевски во порака му пишува дека на 5.12.2023 г. планира да стигне во Москва и бара од него да го земе од аеродром”,
наведе обвинителката.
Дополнително, од телефонската комуникација, која била екстрахирана од телефонот на Палевски по неговата екстрадиција во земјава лани во мај, на 27 ноември, во 10:44 имало комуникација со извесно лице именувано како Геге Шампион 2, кој го прашал Палевски дали да поминат со лице Ферат на кафе. На ова Палевски, според обвинителството, одговорил дека е уморен оти цела ноќ не спиел.
На денешното рочиште Обвинителството предложи дополнителна листа на докази, која, како што наведе Крстевска-Јосифовска, биле обезбедени во текот на истражната постапка, но нивното вештачење не било завршено до поднесувањето на обвинителниот акт на 12 август минатата година поради што ги предлагаат сега.
Како што наведе таа, станува збор за известување од секторот за оружје , експлозиви и опасни материи на МВР и ди-ви-ар уред од безбедносните камери од куќата на обвинетиот Велибор Манев во Велес. Дел од адвокатите на обвинетите, меѓу кои и на Палевски, не се согласија овие докази да бидат изведени наведувајќи дека според Законот за кривична постапка тоа не може да биде направено во оваа фаза од постапката. Поради предложените нови докази, судијата Ивица Стефановски го одложи денешното рочиште наведувајќи дека до следното ќе донесе одлука дали ќе дозволи тие да бидат изведени.