Би сакал да му се заблагодарам на претседателот на палестинската власт Махмуд Абас за неговата иницијатива. Солидарноста и спасувањето човечки животи се во интерес на сите, напиша Ганц на Твитер
Министерот за одбрана на Израел, Бени Ганц, денеска изрази благодарност до палестинската власт, која испрати неколку противпожарни возила и пожарникари во Израел да помогнат во гаснењето на големите шумски пожари во ридовите во близина на Ерусалим.
„Би сакал да му се заблагодарам на претседателот на палестинската власт Махмуд Абас за неговата иницијатива. Солидарноста и спасувањето човечки животи се во интерес на сите“,
напиша Ганц на Твитер.
Палестинската управа испрати четири противпожарни возила и 20 пожарникари да му помогнат на Израел.
Министерот за надворешни работи на Израел, Јаир Лапид, пак, им се заблагодари на Грција, Јордан и Кипар за подготвеноста да испратат противпожарни тимови и авиони, но рече дека повеќе не е потребна меѓународна помош.
Меѓутоа, Израел ја прифати понудата на палестинската власт, пренесуваат израелските медиуми.
Денеска, трет ден по ред, израелските пожарникари ги гаснеа пожарите што ги зафатија шумите западно од Ерусалим, поради што жителите на неколку околни населби беа евакуирани.
Ова е третпат палестинската власт да му даде помош на Израел во гаснењето пожари, бидејќи тоа го стори во 2010 и 2016 година.