„Го склучивме овој договор за прекин на огнот и бевме многу позитивни во врска со тоа“, изјавил тој во обраќање до нацијата доцна вечерва
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф доцна вечерва ѝ се обрати на нацијата, заблагодарувајќи им се на земјите, меѓу кои ги спомена и Саудиска Арабија и Кина, за нивните посреднички напори во постигнувањето договор за прекин на огнот со Индија.

Во говорот, тој истовремено ја обвини Индија за ширење лажни информации, уништување џамии и убивање цивили низ цел Пакистан.
„Ние сме многу одговорна земја и го покажавме тоа. Сакаме мир. Ние сме мирна нација… Го склучивме овој договор за прекин на огнот и бевме многу позитивни во врска со тоа“,
рекол Шариф, пренесува „Гардијан“.
Обраќањето на Шариф дојде само неколку часа откако беше објавен договорот за прекин на огнот, но и по обвинувањата на индискиот секретар за надворешни работи, Викрам Мисри дека Пакистан го прекршил договорот.
„Пакистан денеска го прекрши договореното примирје. Го повикуваме Пакистан да престане со кршењето на договорот“,
рекол Мисри во изјавата што ја пренесе Ројтерс.
Тој, како што пренесе агенцијата, рекол дека на индиските вооружени сили им биле дадени инструкции „силно да се справат со кршењата по должината на границата“.
Договорот за прекин на огнот меѓу Индија и Пакистан кој беше постигнат по жестоките напади меѓу двете земји кои поседуваат нуклеарно оружје, го објави американскиот претседател, Доналд Трамп, кој рече дека тој бил постигнат по долга ноќ разговори со посредство на САД.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека договорот дошол по обемни преговори меѓу него и потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс со премиерите на Индија и Пакистан, Нарендра Моди, односно Шехбаз Шариф и други високи функционери. Двете страни претходно изјавија дека се подготвени да го деескалираат конфликтот доколку другата страна е подготвена да го стори тоа.
Претходно денеска пакистански воени претставници за државните медиуми во земјата изјавија дека започнале одмаздничка операција насочена кон неколку бази, вклучувајќи и складиште за ракети во северна Индија. Официјалните лица изјавија дека операцијата била наречена „Буњан Ул Марсус“, арапска фраза што значи „ѕид од олово“.
Офанзивата на Пакистан дојде кратко откако беше соопштено дека Индија претходно денеска истрелала ракети од борбени авиони кон три воздушни бази, од кои лоцирана во близина на главниот град Исламабад.