Одлуката доаѓа неколку недели откако Германија и Норвешка, со посредство на НАТО, исто така купија американски системи за воздушна одбрана „Патриот“ за Украина. Берлин во петокот потврди дека испраќа уште два вакви системи во Киев

Холандија објави дека ќе го финансира купувањето американска воена опрема за Украина со 500 милиони евра, со што ќе стане првата членка на НАТО што ќе користи нов протокол за снабдување на Киев. Иницијативата беше воспоставена откако американскиот претседател Доналд Трамп постави нови услови за воена помош по неговиот реизбор, објави „Еуроњуз“.
Трамп во јули објави дека САД ќе продолжат да испорачуваат оружје на Украина, но под услов европските сојузници да платат за тоа. Деталите за тоа како ќе функционира новиот систем во тоа време не беа познати. Холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс ја потврди веста на социјалната мрежа Икс.
„Како прв сојузник на НАТО, Холандија ќе испорача пакет американски системи за оружје во вредност од 500 милиони евра (вклучувајќи делови и ракети ‘Патриот’)“,
рече Брекелманс.
Тој нагласи дека ова оружје е клучно за украинските војници кои се борат против руската агресија, како за одбрана на себеси, така и за остатокот од Европа.
Ukraine needs more air defence and ammunition now.
— Ruben Brekelmans (@DefensieMin) August 4, 2025
As the first NATO Ally, the Netherlands will deliver a €500 million package of US weapon systems (incl. Patriot parts and missiles).
This helps Ukraine to defend itself and the rest of Europe against Russian aggression. 🇳🇱🇺🇦 pic.twitter.com/gAxFtUctsU
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, поранешен холандски премиер, ја поздрави одлуката.
„Одлично е да се види како Холандија ја презема водечката улога во финансирањето на првиот пакет американска воена опрема за Украина, како дел од иницијативата на НАТО за Приоритетна листа на украински барања“,
напиша Руте, изразувајќи надеж дека и другите сојузници наскоро ќе дадат слични значајни најави.
Американскиот амбасадор во НАТО Мет Витакер, исто така го поздрави потегот, велејќи дека со тоа се исполнува иницијативата на Трамп сојузниците да купуваат американско оружје за да ѝ помогнат на Украина да се одбрани, да извршат притисок врз Русија и да ги поттикнат работните места во САД.
Одлуката доаѓа неколку недели откако Германија и Норвешка, со посредство на НАТО, исто така купија американски системи за воздушна одбрана „Патриот“ за Украина. Берлин во петокот потврди дека испраќа уште два вакви системи во Киев.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на Амстердам.
„Украина, а со неа и цела Европа, ќе биде подобро заштитена од рускиот терор. Искрено сум благодарен на Холандија за нејзиниот значаен придонес во зајакнувањето на воздушниот одбранбен штит на Украина“,
напиша Зеленски на Икс.