Актуелната влада на Руте го почна мандатот во јануари 2022 година, а тој е најдолгорочниот премиер на Холандија – на власт е од 2010 година

Коалициската влада на холандскиот премиер Марк Руте падна, јавија вечерва холандските медиуми.
Во Владата има четири партии, а причината за пропаѓањето на коалицијата е што партнерите не усеапле да се договорат околу мерките за миграциската политика односно ограничувањето на протокот на мигранти во Холандија.
Разговорите за постигнување договор ги водеше лично Руте, но тие завршиле безуспешно и се очекува тој да поднесе оставка на неговиот кабинет. Веста ја објавија телевизиите НОС и РТЛ, како и холандската новинска агенција АНП, а ја пренесоа и повеќето западни медиуми меѓу кои и Би-би-си и Ројтерс.
Ројтерс јавува и дека од кабинетот на Руте соопштиле дека владата ќе одржи итен состанок, но не го потврдиле падот на четирипартиската коалиција.
Оваа влада функционира од јануари 2022 година и е четврта коалиција на Руте. Тој е премиер со најдолг стаж во Холандија е на власт од 2010 година.
Според Би-би-си, нови избори се очекуваат наесен.
