Со потпишувањето на Општиот колективен договор за покачување на платите во јавниот сектор, првото покачување ќе биде со септемвриската плата и тоа за 10 отсто. Се предвидува и до крајот на декември годинава вработените да добијат К-15 во висина од 10 илјади денари. Со договорот се предвидува новата методологија за пресметка на плати да започне од март 2025 година

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска заедно со Владата го потпишаа Општиот колективен договор за покачување на платите во јавниот сектор. Првото покачување вработените во јавниот сектор ќе го добијат со септемвриската плата и тоа ќе биде за 10 отсто.
Општиот колективен договор предвидува и до крајот на декември годинава вработените во јавниот сектор да добијат К-15 во висина од 10 илјади денари. Со договорот се предвидува новата методологија за пресметка на плати да започне од март 2025 година.
Општиот колективен договор беше потпишан денеска во Владата, а потоа министрите кои се дел од Економско-социјалниот совет, заедно со претседателот на ССМ, на прес-конференција, ги изнесоа деталите.

„Сите заедно, Синдикатите, работодавачите и Владата, односно членовите на Економско-социјалниот совет, донесовме системско и одржливо решение за пораст на платите за вработените во јавниот сектор. Денеска го потпишавме Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор после 15 години. Ова е значаен чекор во насока на унапредување на работничките права и потврда дека за оваа Влада социјалниот дијалог е особено значаен. Заедно со претставниците на Синдикатите договоривме дека новата методологија за пресметка на плати за вработените во јавниот сектор ќе започне од март 2025 година“,
рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

фото: принтскрин
Тренчевска додаде дека освен ова, во Општиот колективен договор стои одредба за исплатата на К-15 од 2024 година да биде најмалку 30 отсто од висината на просечната плата во изминатата година.
„Заедно со дискусија со социјалните партнери ја донесовме методологијата за усогласување на пензии, одлуката за минималната плата и нејзин постојан раст, а денеска ја официјализиравме одлуката за пораст на платите на вработените во јавниот сектор и не само тоа, туку и методологија која обезбедува постојан раст на платите. Општиот колективен договор уредува и други прашања кои се во насока на унапредување и заштита на работничките права и вреднување на трудот на работникот“,
рече Тренчевска.
Јавниот сектор го исполнуваме со атмосфера на сигурност, стабилност и предвидливост во која вработените ќе се чувствуваат почитувани и мотивирани, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Според него, со овој чин се поставува системска бариера што ќе го штити достоинството на вработените од политички калкулации и злоупотреби на нивната положба. Тој смета дека со ова се исцртува јасна линија на разграничување меѓу политиката и платите на оние што професионално треба да им служат на граѓаните.

фото: принтскрин
„Повисоките плати во јавната администрација се клучни за подобрување на квалитетот на услугите што се испорачуваат кон граѓаните и бизнис секторот, поттикнување на продуктивноста и иновативноста, намалување на корупцијата, промовирање на економскиот раст, привлекување професионалци, демонстрација на вредности и посветеност во заштитата и унапредувањето на јавниот интерес“,
рече Битиќи.
И министерот за финансии Фатмир Бесими потенцира дека со договорот се зголемува независноста на вработените во јавниот сектор од политички влијанија. Нарекувајќи го историски успех, порача дека договорот е здрава основа за економско-социјален дијалог.

фото: принтскрин
„Со денешниот договор се утврдува системски методологијата за раст на плати што ќе важи за сите вработени во јавниот сектор. Тоа што досега постоеше како фрагментирано решение, транзициски во целиот овој период од осамостојувањето, во различни фази кога требало да се решат различни проблеми или потреби, сега на некој начин ги воспоставуваме заедно на едно место“,
рече Бесими.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, се согласи со изјавата на Тренчевска и рече дека денеска се завршува еден процес кој трае три години и се исправа неправда што им била нанесена на вработените во јавниот сектор.
„Потпишувањето на овој Општ колективен договор за јавниот сектор значи дека вработените на 1 септември со оваа плата добиваат покачување од 10 отсто, како и исплата на регрес за годишен одмор во висина од 10 илјади денари заклучно со декмври 2023 година, а од следната година тој ќе биде 30 отсто од просечната плата“,
рече Трендафилов.

Тој додаде дека првпат регрес за годишен одмор добиваат вработените во здравството, образованието, полицијата, армијата и низа други дејности кои досега го немале ова право. Општиот колективен договор, според Трендафилов, утврдува и други поволности за вработените во јавниот сектор, а една од тие, како што рече, е елиминирањето на политичката волја за зголемувањето на нивните плати, односно сите вработени во јавниот сектор ќе го знаат начинот на кој им се усогласуваат и зголемуваат платите во наредниот период.
„Дополнително утврдуваме јубилејна награда која огромен дел од вработените во јавниот сектор не ја уживаа како таква. Тие ќе имаат право на јубилејна награда за 10, 20, 30, 40 години искуство. Вработените во јавниот сектор добиваат и дополнителни денови за платено отсуство, право за безбедност при работа и низа други работи“,
рече Трендафилов.
Тој нагласи дека денешното потпишување на Општиот колективен договор го посветуваат на доскорешниот претседател Дарко Димовски, кој почина.