Податоците од локалниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат речиси двојно водство на нивниот фаворит пред противкандидатот од СДСМ

Петар Јанков од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде нов градоначалник на Струмица. По две децении, откако на изборите во 2005 година локалната власт ја презедоа социјалдемократите, доаѓа до промена на политичката структура што ќе раководи со оваа општина. Според неофицијалните информации, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков, е во убедливо водство пред Марјан Даскаловски од СДСМ, што практично му овозможува на Јанков уште вечерва да ја прослави победата во досегашниот бастион на неговите политички опоненти и нивниот доскорешен лидер Зоран Заев.
Податоците од штабот на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат речиси двојно водство на нивниот фаворит пред противкандидатот од СДСМ.
Довчерашниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, од СДСМ, пред почетокот на изборната кампања се надеваше дека ќе добие шанса за нов мандат, но не успеа да обезбеди поддршка од партиската база која застана зад локалниот лидер Даскаловски.

Последен градоначалник на Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ беше Кирил Јанев, кој ја извршуваше функцијата од 2000 до 2005 година. Оттогаш до 2016 година на чело на Струмица беше Зоран Заев. Откако ја презеде премиерската позиција, дојде и до промена на постот, па наредните четири години со градот под Беласица раководеше социјалдемократот Коста Јаневски. Од 2021 година досега прв човек на Струмица беше Костадинов.