Според ИЈЗ, од 14 до 20 февруари, пријавени се 106 смртни случаи во 23 града, што е за 27,9 отсто помалку во однос на минатата недела. Во овој период се излекувани 8 797 лица, а 6 119 се регистрирани како новозаразени
Нови 6 119 позитивни случаи на ковид-19 се регистрирани во 34 града во државата во периодот од 14 до 20 февруари, што е намалување од 29,2 отсто во однос на минатата недела. Процентот на позитивност, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, се движи од 16,7 до 31,1, просечно 25,8 отсто.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=3.262; 53,3%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Неготино – 519,1/100.000, Скопје – 514,3/100.000 и Кавадарци – 507,4/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група над 60 години – 24,2 проценти, а најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години 5,3 отсто. Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 31,5 проценти во возрасната група од 20-29 години и 31,2 отсто кај лицата на возраст од 50-59 години.
Согласно новиот алгоритам за оздравување, во текот на минатата недела се излекувани 8 797 лица. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 863 реинфекции, со намалување за 29,8 отсто во однос на претходната недела.
Пријавени се 106 смртни случаи во 23 градови во текот на изминатата недела, за 27,9 отсто помалку во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (41). Во однос на возраста, најголем број од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (4) и 40-49 години (1).
Во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, во текот на изминатата недела, кај 49 позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите е направено PCR тестирање за детекција на омикрон сојот. Позитивните примероците се одбрани од тестираните позитивни во Скопје, Кавадарци, Тетово, Охрид, Струга, Кочани, Велес, Свети Николе, Штип, Виница и Гевгелија.

Во 29 (59,2%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на омикрон. Во 20 (40,8%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на омикрон – позната уште и како „stealth“.
Пред една година започна вакцинацијата против ковид-19 во земјава. Заклучно со 20 февруари годинава, според последниот извештај на ИЈЗ, вакцинирани се вкупно 869 763 лица со барем една доза вакцина. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 848 573 лица, а со трета доза се вакцинирани 140 455 лица.