Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вели дека ниту една можност не може да се исклучи. Тој изјави дека Кремљ е многу загрижен за ситуацијата која бара итна истрага бидејќи тоа е проблем на енергетската безбедност на целиот континент
Данската премиерка Мете Фредериксен денеска изјави дека е рано да се излегува со заклучоци, но додаде дека е тешко да се замисли дека повеќекратните истекувања на гас се коинциденција, јавува Би-би-си
Русите не ја снабдуваат Германија со гас од почетокот на септември, а сега и да сакаат не можат бидејќи и двата гасоводи „Северен тек“ останаа без притисок, пренесува српски Н1.
Во Берлин не ги знаат причините за падот на притисокот, додека портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва не ја исклучува можноста за саботажа.
„Во моментов не ги знаеме причините за падот на притисокот“,
соопшти германското Министерство за економија додавајќи дека се во контакт со руската страна и надлежните агенции.
Еден ден откако беше објавено дека паднал притисокот во германско-рускиот гасовод „Северен тек 2“, кој никогаш не беше пуштен во употреба, притисокот „непланирано“ паднал на нула во двете цевки на „Северен тек 1“. Тој гасовод беше, до Руската агресија против Украина, убедливо најважниот енергетски пат за Германија.
Претходната ноќ забележан е пад на притисокот во една од двете цевки „Северен тек 2“, најверојатно поради пукнатина на гасоводот во близина на данскиот остров Борнхолм во Балтичкото Море. Истрагата треба да го утврди изворот на истекувањето на гасот на таа локација.
„Неуспесите што се случија во трите крака на подморските гасоводи ‘Северен тек 1’ и ‘Северен тек 2’ се без преседан, а времето на поправка е невозможно да се процени во овој момент“,
истакна во соопштение „Норд стрим АГ“, операторот на гасоводот „Северен тек 1“.
Според извештајот на весникот „Тагешпигел“, Берлин е убеден дека гасоводите биле намерно оштетени.
Од друга страна, пак, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вели дека ниту една можност не може да се исклучи. Песков изјави дека Кремљ е многу загрижен за ситуацијата која бара итна истрага бидејќи тоа е проблем на енергетската безбедност „на целиот континент“.
Од Европската комисија не сакаат да ги коментираат можните причини за истекувањата на гас од Северен тек 1 и 2, уверувајќи дека снабдувањето е безбедно за Европа.
ЕК исто така ги следи последиците врз загадувањето на воздухот и климатските промени бидејќи истекот на метан може негативно да влијае врз нив.
Властите во Данска изјавија дека истекувањето на гас претставува опасност и ја забранија пловидбата во радиус од пет наутички милји. Според организацијата „German Environmental Aid“, засега нема поголема опасност за животната средина.
Данската премиерка Мете Фредриксен денеска изјави дека е рано да се излегува со заклучоци, но додаде дека е тешко да се замисли дека повеќекратните истекувања на гас се коинциденција, јавува Би-би-си.
Пред руската агресија, „Газпром“ покриваше дури 55 отсто од потребите на Германија за гас. Најголемата количина доаѓаше токму преку „Северен тек 1“, гасовод што ги поврзува двете земји под Балтичкото Море.