Лидерот на ДУИ, кој беше и организатор на собирот, изрази благодарност до САД, Европа и НАТО за поддршката и за запирањето на геноцидот врз Албанците
Денешниот протест не е насочен против Македонија, бидејќи оние кои се наоѓаат пред судот во Хаг имаат придонес за стабилноста и мирот, како и за иднината на државата, рече лидерот на Демократската унија за интеграции (ДУИ), на денешниот собир за поддршка на поранешните команданти на ОВК кој се оддржа на плоштадот „Скендербег“.

Ахмети рече дека луѓето кои се неправедно гонети од Меѓународниот суд биле раководители на важни институции, биле претседатели, премиери и ставиле потпис за попросперитетна Македонија, која нема да се плаши од Ослободителната војска на Косово, оти не се бореле против ниту еден народ.
„ОВК не беше криминална организација, туку се бореше за правата и за еднаквост на Албанците. За време на конфликтот се почитуваа сите меѓународни конвенции. Не е точно тоа што е наведено во обвинението за поранешните водачи на ОВК кои се на судење во Хаг. Испраќаме порака до сите меѓународни фактори дека треба да има правда за овие луѓе,“
беше кажано на собирот.
Ахемти воедно изрази благодарност до САД, Европа и НАТО за поддршката и за запирањето на геноцидот врз Албанците. Покрај припадниците на ДУИ, на протестот присутен беше и Зијадин Села од Алијанса за Албанците.
На протестот присуствуваа голем број на луѓе, многумина обвиени во албански знамиња и симболи на ОВК. Додека траеја обраќањата, учесниците на протестот скандираа во знак на поддршка на ОВК, а се вееја и знамиња на Албанија, Косово и САД, а забележително беше тоа што и дел од присутните носеа и фотографии од обвинетите. Протестот помина мирно, без инциденти, со зголемено полициско присуство.
Претходно, коментирајќи го најавениот протест, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Ахмети прави обид да се мобилизира пред партискиот Конгрес на ДУИ, но оцени дека ова е погрешен чекор поради кој во иднина тешко ќе може да најде политички партнер. Според Мицкоски, протестот дополнително ќе го изолира лидерот на ДУИ и ќе го обележи како генератор на нестабилност во државата.
