На митингот се обрати и кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој вети дека ќе работи на тоа градот да стане пристојно, убаво и безбедно место за сите граѓани, без разлика на припадноста

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, на првиот ден од официјалниот почеток на изборната кампања за локалните избори закажани за 19 октомври се обрати на централниот митинг во Скопје од каде порача дека претстојните избори не се само обични, туку одлука за тоа каква Македонија сакаме да имаме и каква порака ќе им се испрати на оние кои „уриваат наместо да градат“.
„Ова се избори за тоа каква порака испраќаме до сите оние кои уриваа наместо да градат, правеа претстава наместо да штитат. Нив ги симнавме од власт, но сега треба да ги поразиме и испратиме во пензија. Кога ве гледам во колкав број нè има вечерва… јасно е: Ќе победиме“,
рече Мицкоски.
Тој истакна дека нема да дозволи одлуки кои се на штета на македонската држава, критикувајќи ја резолуцијата на Венко Филипче (СДСМ) за ЕУ интеграцијата, која според него е „ново додворување кон Бугарите“ на штета на Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на правосудството, потенцирајќи дека не е задоволен од функционирањето на судскиот систем, кој, како што рече, станал „главното упориште на неправдите во државата“. Најави дека по изборите следуваат реформи и нема да има толеранција кон структурите кои функционираат како „длабока држава“ во одбрана на криминалот.
На митингот се обрати и кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој вети дека ќе работи на тоа градот да стане пристојно, убаво и безбедно место за сите граѓани, без разлика на припадноста.
Тој најави дека неговата работа ќе се темели на седум столбови, меѓу кои: одржлив урбан развој, здрава животна средина, целосна комунална и сообраќајна обнова, култура, дигитлна трансформација, младите и науката и јавната грижа и безбедноста.
Носителот на листата за советници, Даме Димитровски, најави промени базирани на визија и конкретни политики, со фокус на чист воздух, модерен јавен превоз и безбеден сообраќај.