Според него, темата за наводно прифаќање мигранти е класичен дневнополитички обид за дефокус и последица на драматично нискиот рејтинг и безидејноста во која е заглавен Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) подолг период. Со тоа, како што додава, намерно се создава лажна перцепција во јавноста и заради партиски интерес се злоупотребуваат чувствителни теми
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на својот фејсбук-профил категорично ги отфрли наводите на британските медиуми дека Британија можеби ќе ги депортира одбиените баратели на азил во Северна Македонија, оценувајќи ги како апсолутна невистина.
Според него, оваа Влада ниту водела ниту ќе води политика за прифаќање мигранти.

„Сакам да бидам кристално јасен. Оваа Влада ниту водела ниту ќе води политика за прифаќање мигранти, во каква било форма. Нема договори, нема преговори, нема квоти, нема центри, нема транзитни ангажмани. Таква иницијатива ниту е разгледувана ниту постои политичка намера во таа насока“,
напиша Муцунски на Фејсбук.
Оваа Владата, како што вели, е целосно посветена на економскиот развој и на подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните, и гради партнерства што носат конкретни придобивки за секое семејство, за секоја општина и за државата како целина.
Во таа насока, додава дека Стратешкото партнерство со Обединетото кралство се темели на меѓусебното почитување и доверба, како и на соработка со политиката, економијата и безбедноста.
„Тоа значи реални иницијативи и проекти што го забрзуваат економскиот развој, отвораат работни места и носат опипливи придобивки за граѓаните, а не сценарија за дневнополитички потреби“,
вели тој.
Според него, темата за наводно прифаќање мигранти е класичен дневнополитички обид за дефокус и последица на драматично нискиот рејтинг и безидејноста во која Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) е заглавен подолг период.
„Крајно неодговорно е да се одржуваат прес-конференции врз основа на сензационалистички, непроверени и неточни информации, со што намерно се создава лажна перцепција во јавноста и заради партиски интерес се злоупотребуваат чувствителни теми“,
стои во фејсбук-статусот на Муцунски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вчера најави нов институционален чекор за одбрана на земјата од, како што вели, веќе договорениот прием на мигранти во Северна Македонија.
По започнатата петиција, СДСМ најавува дека до Собранието ќе поднесат резолуција за заштита на државните интереси. Доколку пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржат, партијата најави одржување голем народен протест.
Филипче изјави дека е „очигледно“ оти договор за мигрантите постои, а владата на ВМРО-ДПМНЕ мора да го потпише бидејќи тоа е поврзано со добивањето на кредитот од шест милијарди евра.
Премиерот Христијан Мицкоски завчера посочи дека додека е тој премиер, нема да никне ниту еден шатор во кој ќе бидат сместени илегални мигранти и оти нема да примат ниту еден илегален мигрант, туку напротив, ќе ја зајакнат борбата против илегалната миграција со сојузниците во НАТО.
Британските медиуми минатата недела објавија дека Велика Британија можеби ќе ги депортира одбиените баратели на азил во Северна Македонија, во обид да ја обесхрабри нелегалната миграција со чамци во земјата.
За секој преземен мигрант Британија би ѝ плаќала на Македонија.
