„За време на гласањето за измените на Изборниот законик, предлогот на оваа влада доби само 11 гласа од пратениците на немнозинските заедници, додека 18 гласаа против. Ова е уште една официјална потврда дека оваа влада нема Бадентерово мнозинство и дека сака да функционира без еден од главните столбови на Охридскиот договор и важечкиот Устав“, велат од Алијанса за Албанците

Во Собранието се потврди дека оваа влада нема легитимитет и е моноетничка, соопштија од Алијанса за Албанците (АА) откако денеска Собранието не ги донесе измените во Изборниот законик.
Во партијата сметаат дека во Собранието официјално било потврдено она што тие го кажувале веќе една година, а тоа е дека Владата нема етнички легитимитет и не ги претставува сите граѓани и сите етнички заедници, туку е моноетничка влада, која се обидува да ги дискриминира другите, особено Албанците.
„За време на гласањето за измените на Изборниот законик, предлогот на оваа влада доби само 11 гласови од пратениците на немнозинските заедници, додека 18 гласаа против. Ова е уште една официјална потврда дека оваа влада нема Бадентерово мнозинство и дека сака да функционира без еден од главните столбови на Охридскиот договор и важечкиот Устав“,
велат од Алијанса за Албанците.
Од партијата ги повикаа партиите на Албанците што се во Владата да го напуштат овој, како што велат, вазализам и да ја прочитаат волјата на Албанците.
„Треба да го прифатат фактот дека немаат потребен легитимитет да останат таму каде што се, потчинети и понижени секој ден“,
додаваат од АА.
Инаку, со 67 гласа „за“, 18 „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците, при првото изјаснување, ги изгласаа измените на Изборниот законик, чија цел беше да се регулира бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати за да може да учествуваат на избори. Но, на гласањето според Бадентер, измените не поминаа – од пратениците од немнозинските заедници 11 гласаа „за“, а 18 беа „против“ (немаше воздржани).
По ова, претседателот Африм Гаши констатира дека Собранието не го донесе законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.
Овој епилог значи дека за претстојните локални избори ќе може да се пријавуваат и независни (непартиски) кандидати за градоначалници и листи на советници, без претходно да собираат граѓански потписи.