Во интервјуто за ИБНА, министерот за Договорот од Преспа објаснува дека ставовите на партијата се добро познати и тие не се менуваат од денес за утре, но посочува дека кога станува збор за водење на државата, одговорноста е поголема од емоцијата

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека она што се случува со европскиот процес на земјата е повеќе од застој, односно дека тоа е неправда.
Според Тошковски, европската идеја не смее да се сведува на билатерални уцени.
Ваквите свои ставови Тошковски ги изнесува во интервју за Независната балканска новинска агенција (ИБНА), каде што се осврнува и на политичкото и симболичното значење на повторното отворање на врската со Грција, прашањето за миграцијата и за стабилноста на владиното мнозинство по повлекувањето на Алијансата за Албанците од коалицијата.
„Како влада, ние продолжуваме да работиме за реформи, владеење на правото, борба против корупцијата – не затоа што некој ни го наметнува тоа, туку затоа што на нашето општество му е потребно. Но, во исто време, јасно и пристојно ќе кажеме ‘доста е’. Дојде време Европа искрено да одговори на прашањето: дали Западен Балкан е навистина дел од својата иднина? Ако е така, тогаш вратите мора да се отворат со почит и партнерство, а не со нови барања и услови“,
вели Тошковски.
Интервјуто на министерот за ИБНА е за време на неговата посета на општината Преспа во Грција, во четвртокот, кога започнаа работите за изградбата на граничниот премин Маркова Нога – Лемос во делот на грчка територија.
За новиот граничен премин, Тошковски вели дека е повеќе од инфраструктурен проект, тоа е симбол на зрелост, одговорност и европска перспектива, но и доказ дека можеме да ја градиме иднината врз основа на заеднички интереси што ги носат нашите држави поблиску до Европа.
„За регионот на Преспа, ова значи нова енергија и економска и туристичка и културна. Локалните заедници на двете страни на границата добиваат нова шанса за развој, а државите покажуваат зрелост и визија. Овој премин нема да ги поврзува само двете држави, тој ќе ги поврзува луѓето, историите, природата и иднината претставувајќи вистински европски пример за прекугранична соработка“,
вели министерот.

ФОТО: Фејсбук-профил на Панче Тошковски
Според него, и покрај политичките турбуленции во минатото, полициската соработка меѓу двете земји е на навистина високо ниво.
Тој додава дека двете Министерства за внатрешни работи имаат активна, континуирана и практично ориентирана комуникација, особено, како што вели, во делот на размена на информации, заеднички оперативни активности и справување со прекугранични закани, а се осврнува и на разговорите со грчка страна за ситуацијата на граничниот премин Богородица – Евзони, нешто што беше и на агендата на неговата средба во Преспа со министерот за внатрешни работи на Грција, Теодорос Ливаниос.
„Во наредниот период планираме да го интензивираме дијалогот со грчката страна за изнаоѓање одржливи решенија кои ќе го забрзаат протокот на патници на граничниот премин ‘Богородица – Евзони’, бидејќи токму тој е главната комуникациска артерија, не само за нашите граѓани, туку и за туристите и транспортните оператори од целиот регион. Брз и ефикасен премин таму е прашање на економија, на безбедност и на европска интеграција во пракса“,
додава Тошковски.
Тој позитивно ја оценува соработката со Грција и во однос на мигрантското прашање за кое објаснува дека, ние, како земја се наоѓаме на една од клучните миграциски рути кон Европа и поради тоа имаме сериозна улога во справувањето со овој предизвик, а иако не сме членка на ЕУ, „постапуваме како вистински партнер, професионално, одговорно и во интерес на регионалната безбедност“.
„Со грчките власти постои оперативна комуникација, особено во делот на размена на информации и координација на активности. Но, реалноста е дека миграцискиот притисок најсилно се чувствува на нашата територија, каде што нашите сили ја вршат работата на првата линија. И со сигурност можам да кажам дека тоа го прават многу успешно“,
вели Тошковски и додава дека македонската полиција секојдневно ја штити јужната граница на Европа, што е „наш конкретен придонес кон европските вредности, не декларативно, туку на терен, со реални резултати“.
Во интервјуто за ИБНА, министерот за Договорот од Преспа објаснува дека ставовите на партијата се „добро познати и тие не се менуваат од денес за утре“, но посочува дека „кога станува збор за водење на државата, одговорноста е поголема од емоцијата“.
„Како Влада, ние сме целосно свесни за меѓународните обврски кои треба да се почитуваат, пред сè за да се заштити државата од нови кризи и блокади. Тоа значи дека, без разлика на нашите лични или политички ставови, ние ќе постапуваме државнички, достоинствено и со јасна цел да обезбедиме стабилност, просперитет и европска иднина за нашите граѓани“,
додава министерот.
Во однос на последните случувања во владината коалиција истакнува дека „Владата е стабилна, со јасно парламентарно мнозинство и силен легитимитет добиен од граѓаните“ и додава дека политичките коалиции се дел од динамиката на секоја демократија, доаѓаат и си заминуваат, но државниот курс мора да остане цврст и јасен.
„За нас, најважна е довербата на граѓаните и обврските што ги имаме кон нив. Институциите функционираат, реформите продолжуваат, а безбедноста и сигурноста остануваат наш врвен приоритет. Во овој момент, немаме време за политички калкулации, туку имаме обврска да испорачуваме резултати и токму тоа го правиме“,
кажа Тошковски.
Инаку, од околу два часа колку што сега е потребно да се стигне од Ресен до грчката општина Преспа, со новиот граничен премин Маркова нога – Лемос, чија изградба и официјално започна од двете страни на границата, времето за патување ќе се намали на 40 минути.
Работите во проектот „БорПрес2“ од македонска страна официјално започнаа во март, додека, пак, во четвртокот во општина Преспа беше означен почетокот и на грчка страна.
Министерот за внатрешни работи на Грција, Теодорос Ливаниос, вели дека во текот на годинава изведувачите ќе започнат со работа и се надева во рок од две години дека проектот ќе биде завршен.
Во проектот „Бор прес 2“ вреден над 7,7 милиони евра, 80 отсто финансиран преку ИПА 3 програмата на Европската Унија се планирани реновирање на постојната полициска станица од македонска страна, изградба на нова зграда за царинска и полициска контрола на страна на Грција и развој на прекуграничната пешачка патека помеѓу селата Брајчино и Агиос Германос со цел промоција на еко-туризмот.

Партнери во проектот се министерствата за внатрешни работи на двете земји, грчкиот регион Западна Македонија и општините Ресен и Преспа.
Целта на „БорПрес2“ е целосно оперативно функционирање на преминот, согласно со шенген-стандардиτе, зајакнување на поврзаноста, безбедноста и регионалниот развој во Преспанскиот Регион.
Проектот започна на 14 февруари 2025 година и е планирано да трае 36 месеци, со завршување на 13 февруари 2028 година.