Мицкоски во своето, како што го нарече, искрено обраќање, говорејќи низ историска призма, рече дека денеска на виделина излегло дека проблемот не е внесувањето на бугарското малцинство во Уставот, туку зацртаната агенда на Бугарија во однос на нашиот јазик и идентитет кои не ги признава и сака да ги уништи
Денес светот виде со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век и денес комотно и на очиглед на сите на Европа можеме да ѝ кажеме дека вистината излезе на виделина, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Тој ова го кажа на денешната вонредна прес-конференција од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ откако Европскиот парламент го усвои Извештајот за напредокот на земјава, но без референциите за македонскиот јазик и идентитет.
Мицкоски во своето, како што го нарече, искрено обраќање, говорејќи низ историска призма, рече дека денеска на виделина излегло дека проблемот не е внесувањето на бугарското малцинство во Уставот, туку зацртаната агенда на Бугарија во однос на нашиот јазик и идентитет кои не ги признава.
„Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија. Но, за да ја разбереме таа блокада, мора најпрво да сфатиме дека таа блокада не почна денес ниту, пак, ќе заврши денес. Таа блокада е почната уште во 1990 година, кога бугарската држава, во моменти на ембарга, беспарица, страшни војни во поранешна Југославија, како и проблематизирање на нашата држава од страна на Грција, се случи еден гест од Бугарија, признавање на посебноста на нашата држава, но со една ограда дека не се признаваат јазикот и народот. Јазикот е основа на нацијата во сите теории и оттука Бугарија ја призна државата, но не го призна постоењето на нашата нација“,
кажа Мицкоски.
Пред неколку месеци, како што рече премиерот, првпат произлегла идејата која требало да ја извади Бугарија на чистина и нејзините затскриени намери да ги истопори за да бидат на очиглед на сите, и на оние најскептичните кои сè уште наоѓале енергија и мотиви да ни сугерираат дека внесувањето на бугарското малцинство во нашиот Устав беше и е единствениот проблем.
„Ние почнавме низа на активности и дипломатски акции да наметнеме една тема која ќе придонесе на долг рок во изнаоѓање решение за нашиот проблем. Немавме амбиции ниту лажна надеж дека ќе успеевме ги знаеме односите во Унијата, ги знаеме трговските практики и начини на одлучување, знаеме дека во Унијата неретко има конфликт меѓу вредностите и прагматизмот на политиката, трговијата со судбини и не сме воопшто наивни. Се тоа ни беше совршено јасно. Никој не беше наивен дека сега и денес ќе се реши сè. Токму затоа и потсетувам на она признавање на државата од страна на Бугарија од 1990-тите како прв сосед. Тоа поврзано со сите нивни активности и дејствија сите овие децении наназад, но и историски гледано во крајот на 19 и 20 век, нам ни е јасен показател дека тие имаат јасна агенда и план и дека се водени од мислата да ги уништат македонската нација и идентитет“,
рече премиерот.
Сега, како што рече тој, тоа е на тацна и оти не сака никој и никогаш да му споменува дека бугарското малцинство е проблем.
„Тие неколку стотина луѓе кои се чувствувале како Бугари, дали биле во Уставот или не биле, не се никаков проблем. Уште утре можеме да ги внесеме. Но суштината е многу подлабока од тоа. И тоа сосема јасно се виде со овие чекори кои ги презеде нашиот источен сосед низ европските ходници“,
рече Мицкоски.
Но, посочи тој, ќе остане запишано и запомнето дека европскиот извештај со македонски идентитет и македонски јазик помина на Комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент (АФЕТ) и дека денеска пред да се донесе, како што го нарече, оној срамен амандман, се најде на масата на сите европратеници коишто гласаа во рамките на Европскиот парламент, што, според него, е првпат во независна Македонија.
„Да види светот, да видат народите од светот, со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век, и да оставиме трага за вистината зад една битка на една генерација. Ова е нашиот Крушевски манифест со кој конечно мора ние самите да се мобилизираме да ги збиеме редовите и да ги мобилизираме сите пријатели и сојузници, затоа што ова е борба за фундаментални, основни човекови права и вредности. И ние сме на вистинската страна од историјата. А Бугарија, видовме низ историјата дека знае и да ја утне вистинската страна“,
кажа Мицкоски.
Според него, борбата ќе биде тешка, но, како што кажа, тој е подготвен да опстои и дека со сплотеност дома и со помош на пријателите од надвор земјава ќе успее на својот пат.
„Ние сме малобројна земја, но со големо срце. Ние сме лулка на културата на Балканот, и нема негација која тоа ќе ни го одземе, ние ги почитуваме нашите соседи и така и ќе продолжиме и понатаму дури и кога вака ќе ги фатиме живи. Низ дијалог ќе се обидуваме да наоѓаме решенија, но без да не почитуваат ништо нема да постигнат. И тоа е клучната грешка на нашиот источен сосед во односите со нас. Кога ќе почнат да не почитуваат, тогаш ќе ни бидат најблизок и најдобар пријател, но и тогаш и дотогаш ќе зборуваме со нив и со сите со јазикот на аргументите“,
кажа Мицкоски.
Во таа насока тој најави, како што рече, низа иницијативи и активности, за кои очекува сојузништво и заедништво со Македонската академија на науките и уметностите, со партиите на етничките заедници во државава, со опозицискиот СДСМ и другите кои сакаат да помогнат да покажеме на светот дека сме тука и дека сè уште стоиме.
Тој упати благодарност и, како што рече, до драгите пријатели од Европската Унија кои сè уште веруваат во нас и во нашите вредности како дел од европското семејство.
„Нема да ве разочараме. Ќе работиме заедно со вас на реформи, на развој, ќе се обидуваме да ја придвижиме земјата кон ЕУ, тоа е новиот пат што ќе го отвораме, по принципиелни и вредносни основи, затоа што членството на мојата татковина во ЕУ не е само цел, тоа е и наша потреба, но и заедничка потреба. И ние посветено ќе работиме со сите наши европски пријатели да опстоиме на европскиот пат и да не дозволиме различни земји или структури кои не ѝ сакаат добро на мојата земја и на нејзината геостратешка поставеност, нејзината позиција и иднина, да успеат во своите замисли“,
рече премиерот Мицкоски.
За потсетување, Европскиот парламент денеска со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година. Пред гласањето по документот, беа усвоени амандманите предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), со кои се избришани делови од текстот во Извештајот каде што се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“.