Тој вели дека постои јасна процедура за утврдување сериозни закани и кога треба да има соодветна реакција од страна на МВР, обвинителството и судот

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, смета дека она што во јавноста се прикажува изминатите денови од скопската градоначалничка Данела Арсовска е „исклучиво само циркус и парада пред локални избори“.
„Ова што го гледа македонската јавност е исклучиво само циркус и парада пред локални избори. Да беше во рамки на првите години, ќе беше за поздрав, и ќе беше навистина искрено, го препознава народот тоа. Овој народ препознава кога нешто е искрено и препознава кога нешто е заради циркус. Овде ние не говориме за желба да се стави ред во Македонија, овде говориме за парада и циркус“,
изјави Тошковски додавајќи дека МВР ќе постапува согласно своите надлежности како и секогаш досега.
Во однос на повиците на градоначалничката Данела Арсовска во врска со дивоградбите во Чаир и заканите по живот што ги добива, Тошковски рече дека МВР и Обвинителството постапуваат по секоја пријава. Тој упати порака до градоначалниците да ги извршуваат своите законски обврски во текот на целиот мандат, а не само во предизборен период.
„Добро е секој еден во Македонија да си ја работи работата за којашто зема плата. Општините да вршат контрола на нивни надлежности од аспект на тоа што е дозволено со закон да се гради, што не е дозволено со закон да се гради. Добро е тоа да го прават цел мандат, добро е да го прават од почеток кога ќе бидат поставени на одредена позиција во континуитет 4 години додека трае мандатот. Исто така, е добро да го прават тоа, и добро е граѓаните на крајот откако ќе истече тој мандат да дадат оценка за тоа како ја сработиле работата во претходните четири години“,
рече Тошковски.
Тој додаде дека е време еднаш засекогаш во Македонија секој што зема буџетски пари да ја работи работата за која е платен.
Тошковски вели дека работата на градоначалниците е да постапуваат по одредбите од Законот за градење во делот на нивната надлежност и да вршат контрола како и што се гради. Од друга страна, работата на МВР е да постапува согласно наредби од суд или Јавното обвинителство, со цел да се обезбеди неселективен пристап во спроведувањето на законот.
Во однос на заканите кон градоначалничката, министерот вели „доколку, од страна на било кого, спрема било кого, бидат преземени сериозни закани и тоа истите бидат пријавени до Министерство за внатрешни работи, а согласно законски и подзаконски акти биде утврдена потреба по преземање одредени дејствија во рамки на надлежности на МВР, ве уверувам дека ние веднаш ќе ги преземеме“.
Тој вели дека постои јасна процедура за утврдување на сериозни закани и кога треба да има соодветна реакција од страна на МВР, Обвинителството и Судот.
Од Министерството за внатрешни работи денеска информираа дека скопската полиција постапува по пријава за закани упатени кон градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Според соопштението на МВР, полициски службеници од СВР Скопје вчера извршиле службен разговор со 39-годишен скопјанец С.А. кој, според пријавата, во неделата на булеварот „Словенија“ преку отворен прозорец од своето возилото „мерцедес“ упатил закани кон Арсовска.
Коментарите на Тошковски доаѓаат по јавната размена на пораки меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и премиерот Христијан Мицкоски. Премиерот завчера изјави дека Јавното обвинителство треба да се остави да работи на случајот со дивоградбите во скопски Чаир и доколку има докази за кривични дела, да постапува по нив. Мицкоски ја охрабри Арсовска да пријави во МВР дека добива закани по живот.
Арсовска, пак, утрово преку Фејсбук се обрати до премиерот, обвинувајќи го дека му дозволил на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, нелегално да легализира дивоградби, порачувајќи дека нема да се откаже ниту да се повлече.