„Од нас зависи дали ОН ќе се справат со предизвиците и ќе продолжат да градат иднина на мир, правда и напредок на здрава планета“, вели таа во своето обраќање
Пред осумдеесет години, Обединетите нации се издигнаа од урнатините на Втората светска војна за да спречат идни војни, да го прекинат колонијализмот, да ги почитуваат човековите права, да ја унапредат правдата и меѓународното право. Нивната повелба ја зацврсти суверената еднаквост на државите. Но, осумдесет години подоцна, многу од овие достигнувања, за жал, се поткопани. Ова е пораката што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја испрати денеска по повод 80. годишнинатата од основањето на Организацијата на обдинетите нации (ООН).

„Мултилатералниот систем заснован на правила сега е распукан од тежината на растечката мултиполарност. Поради тоа што се се повеќе парализирани кога е најпотребно, Обединетите нации опасно се приближуваат до ‘моментот на Лигата на народите‘, до стариот светски поредок во кој силните прават што моѓат, а слабите трпат што мораат“,
вели таа.
Според неа, и македонските граѓани искусија некои од овие двојни стандарди уште од првиот ден на нашето членство во ОН во 1993 година.
„Сепак, веруваме дека малите земји треба да бидат најголемите поддржувачи на ефективниот мултилатеризам со реформирани и силни ОН во центарот“,
кажа претседателката.
Поради тоа, додаде, дека е усвоен Пактот за иднинатата како обновен глобален општествен договор, бидејќи сите страни споделуваат одговорност не само во почитување на своите права, туку и имаат можност и должност да се грижат за системот.
Оваа годишнина на ООН, според неа, е повик за да ја потврдиме нашата посветеност на Повелбата на ОН и нејзниот меѓународен поредок заснован на правила.
„Од нас зависи дали ОН ќе се справат со предизвиците и ќе продолжат да градат иднина на мир, правда и напредок на здрава планета. Среќен роденден Обединети нации“,
рече Сиљановска-Давкова на крајот од обраќањето.