Инаку, во 9:30 часот е закажана првата прес-конференција на Државната изборна комисија (ДИК) на која ќе бидат соопштени информации за отворањето на гласачките места, излезеноста на граѓаните со право на глас до 9 часот, како и за текот на гласањето и евентуални проблеми
Утрово во 7 часот почна гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори, во 3 480 избирачки места во државата, на кои до 19 часот своето право на глас ќе можат да го остварат 1 814 317 граѓани запишани во единствениот Избирачки список.
За гласање во државата, според заклучениот Избирачки список на Државната изборна комисија, се запишани 1 713 758 избирачи, додека 95 116 се на привремена работа или престој во странство, а 2 147 се на издржување казна затвор или се наоѓаат во притвор.
Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се евидентирани 2 569 избирачи. Гласањето во дијаспората го спроведуваат 191 член и заменик член на избирачките одбори.
Согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, запишани се и 534 избирачи, кои поднеле пријава за гласање, во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат во установи за вонсемејно згрижување, како и двајца избирачи со статус на внатрешно раселени лица.
Вчера, еден ден пред изборите, можеа да гласаат вкупно 6 935 болни и изнемоштени, лица кои се на издржување казна во Казнено-поправните домови, како и лица во притвор, во старски домови и наши државјани во странство.
Во 7 часот утрово отворени се сите 273 избирачки места во десетте општини во Југоистокот на земјата, каде право на глас во првиот круг на претседателските избори имаат 141 167 гласачи, пренесува МИА.
Според информациите од општинските изборни комисии, гласањето веќе тече, а освен неколку мали технички проблеми со апаратите за отпечаток од прст и УВ-апаратите не се забележани други проблеми. Според изборните комисии, техничките проблеми се надминуваат и не влијаат на изборниот процес.
Инаку, во Југоисточниот плански регион се гласа во општините Струмица, Радовиш, Василево, Босилово, Ново Село, Конче, Богданци, Гевгелија, Дојран и Валандово.
Утрово, според изјавата на претседателката на Општинската изборна комисија, Емилија Петровска, навремено се отворени гласачките места во општина Кавадарци.
За вчерашниот ден, како што информира таа за државната новинска агенција за гласање биле пријавени 110 болни и немоќни лица во домашни услови и 14 штитеници во Домот за вонсемејна грижа „Д-р Јанески” во кавадаречкото село Чемерско.
„Во избирачкиот список за општина Кавадарци се евидентирани вкупно 31 868 гласачи“,
соопшти Петровска.
Таа додава дека во оваа општина нема кои се на издржување на казна затвор.
Успешно стартувало гласањето на првиот круг од претседателските избори и во општина Неготино, каде според претседателката на Општинската изборна комисија, Елизабета Камчева право на глас имаат 15 840 граѓани.
„На овие избори имавме пријавено и гласање од затвор од страна на 22 лица, а на три од странство“,
вели таа за МИА.
Отворени навреме се и сите избирачки места во општините Дебар и Центар Жупа.
„Гласачките места се отворени во 7 часот. Гласањето во општина Дебар се спроведува во 27 избирачки места од кои 22 се во градот, две во село Могорче и по едно во селата Џепиште, Горно и Долно Косоврасти. Право на глас имаат 19 334 гласачи, што е за 123 гласачи повеќе споредено со последниот изборен циклус, локалните избори во октомври 2021 година. Вчера своето граѓанско право го остварија 29 болни и изнемоштени лица“,
вели за државната новинска агенција претседателот на Општинската комисија во Дебар, Рилинд Хаса.
Според Неџип Илјаз, претседател на Општинската изборна комисија во Центар Жупа и во оваа општина избирачките места се отворени точно навреме.
„Се гласа на 16 избирачки места, девет се во Центар Жупа, по едно во населените места Броштица, Новак, Еленци, Брештани, Праленик, Коџаџик, Долгаш. Вчера правото на глас го искористија 3 болни и изнемоштени лице“,
изјави Илјаз.
Во единствениот Избирачки список за општина Центар Жупа се запишани 7 383 со право на глас или 306 повеќе, во однос на повторените избори за градоначалник во април 2022 година.
Инаку, во 9:30 часот е закажана првата прес-конференција на Државната изборна комисија (ДИК) на која ќе бидат соопштени информации за отворањето на гласачките места, излезеноста на граѓаните со право на глас до 9 часот, како и за текот на гласањето и евентуални проблеми.