Оттаму додаваат дека целото пронајдено илегално оружје и муниција се одземени од осомничениот

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 29-годишник кај кого во домот во кој престојувал биле пронајдени поголемо количество огнено оружје, муниција и експлозивни материи.
Како што информираат од Обвинителството, оружјето и муницијата биле пронајдени при претрес во дом на улицата „Благоја Паровиќ“ во Скопје.
При претресот биле пронајдени автоматска пушка со калибар 7,62×39 милиметри, четири рамки со 120 куршуми и уште дополнителни 779 куршуми боева муниција од истиот калибар наменета за испалување од автоматски, полуавтоматски пушки, митралези, пушкомитралези и репетирачки пушки. Биле пронајдени и три рамки со вкупно 51 куршум со калибар 9 милиметри и уште 136 куршуми од тој калибар наменети за испалување од автоматски огнени оружја и полуавтоматски пиштоли.
Биле откриени и 31 куршум боева муниција со калибар 7,65 милиметри, која исто така се користи за автоматски и полуавтоматски оружја, како и рачна граната од моделот „РГД 5“, која е од офанзивен тип со ефективно убиствено дејство од 15-20 метри и ранувачко дејство до 30 метри.
„Покрај ова оружје, муниција и експлозивни направи кои се целосно забранети за граѓаните, тој во домот без дозвола држел и огнено оружје кое било преправено – пиштол марка ‘зораки’ М906-Б со кој било овозможено истрелување на проектили од куршуми од боева муниција со калибар 7,65 милиметри, пневматски пиштол марка ‘сиг сауер’ М17 наменет за истрелување на топчести проектили со калибар 4,5 мм, полуавтоматски пиштол ‘рангер’ РА9, како и 51 куршум со калибар 9 милиметри наменет за предизвикување звучен-сигнален ефект при испалување од оружје за светлосно-звучна сигнализација“,
се вели во описот од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека целото пронајдено илегално оружје и муницијата се одземени од осомничениот.
Истражната постапка за 29-годишникот се води за кривичните дела неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до Судот доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.