Во текот на истражните дејствија штипското обвинителство кое ја отворило истрагата добило податоци и сознанија кои дополнително упатуваат на сомнение дека осомничениот извршил и дејствија со кои ја злоупотребил службената положба и овластување.
Од државното Јавно обвинителство информираат и дека додека трае истражната постапка јавниот обвинител ќе биде оддалечен од извршување на функцијата
Отворена е истрага против јавен обвинител, соопшти попладнево Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Наредбата за спроведување на истражната постапка ја донело Основното јавно обвинителство Штип, а јавниот обвинител против кого таа е насочена е осомничен за две кривични дела – малтретирање во вршење на службата според член 143 од Кривичниот законик и злоупотреба на службената положба и овластување од член 353. И во двата случаи, како што стои во соопштението, станува збор за продолжени кривични дела, што значи дека осомничениот јавен обвинител во извесен временски период делата ги вршел во континуитет.
Од републичкото Јавно обвинителство, согласно праксата, не го објавуваат името на обвинителот, но повеќе од извесно е дека станува збор за шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи.
Ова може да се заклучи и од самата содржина на соопштението со кое републичкото обвинителство информира за донесената наредба за отворање на истрагата.
Според соопштението, истрагата е отворена по кривична пријава што вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје ја поднеле против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата.
„Кривичната пријава против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата беше поднесена до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија од страна на група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје, по што таа беше проследена на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Штип“,
се вели во соопштението.
Во текот на истражните дејствија, наведуваат оттаму, штипското обвинителство добило податоци и сознанија кои дополнително упатуваат на сомнение дека осомничениот извршил и дејствија со кои ја злоупотребил службената положба и овластување.
Од државното Јавно обвинителство информираат и дека додека трае истражната постапка јавниот обвинител ќе биде оддалечен од извршување на на функцијата.
„По приемот на известувањето за поведена истрага, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија (Љупчо Коцевски н.з.) донесе одлука за оддалечување од функцијата за јавниот обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава против него“,
се вели во соопштението на републичкото Јавно обвинителство.
Инаку, во него нема објаснување зошто истрагата е отворена од штипското Основно јавно обвинителство, а не од скопското. Причината за оваа околност најверојатно лежи во тоа што Вишото јавно обвинителство Скопје му е надредено на ОЈО Скопје.
Инаку, кривичната постапка против Хајрулахи не произлегува од извештајот од спроведениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје што го спроведе републичкото Јавно обвинителство.
Дека Вишото јавно обвинителство е предмет на надзор, државниот јавен обвинител Љубчо Коцевски информира неодамна. Причината, како што наведе во писмената изјава од 21 октомври, било тоа што до него дошле информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажувале на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во Обвинителството.
Реакцијата на Коцевски уследи откако сега осомничениот шеф на Вишото јавно обвинителство Хајрулахи обвини дека државниот обвинител му вршел притисок во врска со предмет поврзан со бонусите на поранешните обвинители на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Имено, во јули беше објавено дека шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, донел решение со кое ја отфрлил кривичната пријава на ВМРО-ДПМНЕ против ексобвинителите на СЈО, на кои тогашната шефица Катица Јанева им поделила по илјадници евра бонуси за доверливост надвор од платата, со што, според пријавата на партијата, бил оштетен Буџетот за над 4,5 милиони евра. На ваквата одлука ВМРО-ДПМНЕ поднела жалба.
Ваквите тврдења на Хајрулахи, државниот јавен обвинител ги оцени како хајка против него која почнала по надзорот на работењето на ВЈО Скопје.
Коцевски на прес-конференција на новинарските здруженија минатата недела на која тема беше заштитата на новинарите рече дека сè уште не го добил извештајот од надзорот, а кога ќе биде готов ќе биде достапен до новинарите.
Коцевски рече дека во септември се слушнал со Хајрулахи за да му каже дека состојбата во Обвинителството што го предводи не е добра, затоа што има нарушени меѓучовечки односи откако претходно дел од вработени до него испратиле претставки со жалби.
„Вишиот јавен обвинител имаше поднесено и кривични пријави против одредени јавни обвинители. Не може на тој начин вишиот јавен обвинител да го води Јавното обвинителството, а односите во тоа Јавно обвинителство да бидат толку нарушени. Тоа не смее. Хајката против мене како државен Јавен обвинител почна после првиот ден од извршената контрола. Не знам зошто. Која е целта. Дали е тоа од некого, дали вишиот јавен обвинител самиот го направи или инструиран од некого, не знам. Тоа може него да го прашате. Меѓутоа, знаете што? На крај вистината секогаш победува и ве убедувам дека така ќе биде“,
рече Коцевски.
Инаку, обвинителот Хајрулахи минатата недела се најде и под жестоки критики од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) откако од негова страна до една национална телевизија беше проследена видеоснимка со новинарката Мирослава Симоновска на кое таа наводно прима документ.
Државниот јавен обвинител Коцевски, обраќајќи ѝ се директно на новинарката на прес-конференцијата на новинарските здруженија по повод Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите, рече дека Јавното обвинителство активно работи на разрешување на случајот.
„Основното јавно обвинителство интензивно постапува по твојата кривична пријава. Уверувам дека Обвинителството презема сè за да го расчисти случајот. Знам дека целиот случај добива на тежина поради инволвираноста на јавен обвинител, но ЈО има механизми со кои ќе обезбеди независно и објективно постапување по твојата пријава“,
рече Коцевски.
Инаку, на Мустафа Хајрулахи ова му е втора мандат на чело на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи. Тој вториот четиригодишен мандат го доби кон крајот на декември 2022 година, кога со осум гласа „за“, едногласно беше избран од Советот на јавни обвинители
Хајрулахи беше единствен кандидат откако претходно од трката се повлекоа двајцата обвинители кои му беа противкандидати – Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми.