При претрес на гаражата во која осомничениот ја чувал дрогата биле откриени 36 пакувања со вкупно 180 грама марихуана наменети за продажба, велат од Јавното обвинителство
Струмичкото Основно јавно обвинителство отвори истрага против жител на Радовиш осомничен дека неовластено им продавал марихуана на наркозависници која претходно ја набавил од непознато лице.

Тој, како што соопштија утрово од Јавното обвинителство, се товари за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик (КЗ). Пропишаната казна, според наведениот став од овој член на КЗ, е од три до десет години затвор.
Во краткиот опис на делото, од Обвинителството наведуваат дека осомничениот, во период од неколку месеци, од непознато лице набавил 80 пакувања марихуана, со вкупна нето маса од околу 400 грама.
Марихуаната ја држел во гаража пред зградата во која живее и од октомври 2024 до април оваа година неовластено им ја продавал на наркозависници.
„При извршениот претрес на 17 април во гаражата биле откриени 36 пакувања со вкупно 180 грама марихуана наменети за натамошна продажба“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Оттаму додаваат јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските услови, предложил на осомничениот да му биде одредена мерка притвор.