Според Обвинителството, 25-годишниот скопјанец мотоциклот марка „кавасаки“ го управувал без да поседува дозвола и без истакната регистарска табличка на задниот дел
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против 25-годишниот скопјанец кој пред три дена со мотоцикл усмрти 68-годишен маж на пешачка патека и побегна од местото на настанот.

Осомничениот, како што соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија се гони за две кривини дела. Едното е за тешки дела против безбдноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, а другото дело што му се става на товар е неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 ства 2 во врска со став 1 од КЗ.
Според Обвинителството, 25-годишниот скопјанец мотоциклот марка „кавасаки“ го управувал без да поседува дозвола и без истакната регистарска табличка на задниот дел.
„Возел преку површина наменета за движење на пешаци, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Иако бил свесен дека поради тоа може да настапи штетна последица, осомничениот се согласил со нејзино настапување и кога дошол во близина на зградата, не ја приспособил брзината на движење на моторот“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Тој, според краткиот опис на настанот, со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека и при ударот останал да лежи повреден на патеката, додека возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот.
Наместо да им укаже помош на пешакот и сопатникот на мотоциклот кој бил полесно повреден, осомничениот го оставил мотоциклот и пеш побегнал од местото.
Николовски од тешките повреди следното утро почина во болница.
„Фактот дека осомничениот веднаш по настанот избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен за органите на прогонот, за јавниот обвинител е потврда за опасноста тој повторно да се даде во бегство доколку биде пуштен да се брани од слобода. Освен тоа, станува збор претходно осудувано лице, кое и на критичниот ден направило две кривични дела едно по друго, што упатува на опасноста тој да го повтори делото или да стори друго кривично дело“,
велат од Обвинителството.
Поради овие основи надлежниот јавен обвинител до судија на претходна псотапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог на осомничениот да му биде одредена мерка притвор.