Амбасадорот на Казахстан, Сатибалди Буршаков, рече дека соработката се продлабочува во повеќе сектори, вклучително енергетиката, здравството и технологијата и порача дека со споделената историја меѓу двете земји, алудирајќи на осамостојувањето на државите во 1991 година, е поставена силна основа за партнерството кое се гради и денес
Во Скопје денеска официјално се отвори Амбасадата на Казахстан, со што се одбележа 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Амбасадорот Сатибалди Буршаков во своето обраќање истакна дека отворањето на Амбасадата претставува историски момент во односите меѓу Скопје и Астана.

„Сведочиме историски момент во развојот на односите меѓу Северна Македонија и Казахстан, како што одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Изминатата година беше исполнета со активности и можам да кажам дека постигнавме заеднички резултати. Овој настан претставува значаен чекор кон зајакнување на врските на нашите земји“,
изјави амбасадорот на Казахстан во земјава, Сатибалди Буршаков.
Посочи дека соработката се продлабочува во повеќе сектори, вклучително енергетиката, здравството и технологијата и порача дека со споделената историја меѓу двете земји, алудирајќи на осамостојувањето на државите во 1991 година, е поставена силна основа за партнерството кое се гради и денес.
„Уверени сме дека пред нас се отвораат нови хоризонти и дека заедничките иницијативи ќе продолжат да ги зајакнуваат нашите односи“,
додаде казахстанскиот амбасадор.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој беше присутен на настанот, ја поздрави одлуката на Казахстан да отвори амбасада во Скопје, оценувајќи го за пријателски и позитивен чекор.
„Во изминатите години сведоци сме на напредокот на нашиот политички дијалог, унапредувањето на економската соработка, како и зајакнувањето на меѓународната поддршка. Отворањето на резидентна Амбасада е јасен израз на посветеноста на двете земји да ја зајакнат комуникацијата, без разлика на географските разлики“,
рече Муцунски.
На настанот во Скопје присуствуваа дипломатски претставници и гости од јавниот и од приватниот сектор.