Од денешната прес-конференција во Италија на Ковачевски, Вучиќ и Рама, стигна и најава дека ќе биде одреден и еден ден кога ќе бидат отворени границите меѓу трите земји од „Отворен Балкан“ за да се покаже како тоа ќе функционира

Од летото што доаѓа ќе има либерализација на пазарот на трудот, со што ќе се олеснат процедурите за ангажирање работници од некоја од трите земји во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ (Северна Македонија, Србија и Албанија), ќе има тест-ден во кој овие држави ќе ги отворат меѓусебните граници, а по винскиот, ќе се формира и филмски фестивал.
Ова се дел од најавите дадени на заедничката прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски со неговиот албански колега Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ, одржана во Бардолино, Италија.
Тројцата се наоѓаат во Италија на меѓународниот саем за вино „Винитали 2023“, каде што трите држави се претставуваат со заеднички штанд на „Отворен Балкан“ – „Wine vision by Open Balkan“.
На заедничката прес-конференција, во однос на либерализацијата на пазарот на трудот што треба да почне од јуни или јули годинава премиерот рече дека ќе се овозможи побрзо да се ангажираат работници и да се добиваат работни дозволи.
„Наместо дозволите за работа да се добиваат за шест месеци ако некој од Крушевац сака да работи во Скопје, или од Врање во Куманово, или од Струга во Елбасан, сега секој граѓанин на националниот портал е-услуги ќе може да го добие идентификацискиот број за ‘Отворен Балкан’ и со тоа ќе може да аплицира за одреди дозволи, социјално осигурување и за неколку дена да ги добие. Зошто е тоа важно, бидејќи ќе им овозможи на компаниите побрзо да ангажираат работници. Со тоа што побрзо ќе добиваат работни дозволи, тие ќе можат веднаш да почнат да работат. Што побрзо почнат да работат, побрзо ќе произведуваат, а со тоа и ќе остваруваат побрз раст на БДП, а тоа е она што им треба на нашите луѓе. Потребен им е животен стандард на ниво на ЕУ, но во нашите земји“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој со Вучиќ и Рама одржа и трилатерална средба, по која од Владата соопштија дека се разговарало за можноста за отворање на границите помеѓу Северна Македонија, Србија и Албанија.
На иницијатива на Ковачевски, посочи тој подоцна на прес-конференцијата, ќе се определи еден ден како тест во кој Скопје, Белград и Тирана ќе ги отворат меѓусебните граници. И Вучиќ потврди дека на иницијатива на македонскиот премиер ќе биде одреден еден ден кога ќе бидат отворени границите меѓу трите земји за да се покаже како тоа ќе функционира.
Уште една најава што ја испратија тие беше и за формирање филмски фестивал, како што е случај и со винскиот фестивал, кој во септември лани се одржа во Белград. Ново издание на фестивалот треба да се одржи и годинава во ноември, исто така во српскиот главен град.
„Дискутиравме за уште една важна работа. Нашите филмски продуценти, режисери, уметници секогаш одат на важни фестивали. Тие ќе продолжат да одат на важни фестивали низ светот, но се согласивме да направиме и наш филмски фестивал кој ќе биде основан во Скопје и ќе почнеме со подготовките“,
рече Ковачевски најавувајќи го филмскиот фестивал.
